Во Музејот на македонската борба за самостојност отворена е изложбата „Хартии“ од македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски. Поставката претставува ретроспектива на истражувањата на авторот врз различни видови хартија во изминатите 35 години.
На оваа поставка културната јавност и ликовната публика ќе имаат можност да ги видат делата од различни фази и тематски циклуси на авторот, почнувајќи од дела создадени уште во неговите рани студентски денови (од 1983 година) па се до последните патувањата на Андреевски низ светот.
На изложбата се и делата од циклусот „Кучињата лаат” што премиерно беше изложен во Москва во 2015 и оние од циклусот „Цвеќулиња“ што за прв пат беа изложени во Берлин три години порано. Изложени се и скици и цртежи од мал формат што Андреевски ги има правено буквално за време на патувањата во авион, автобус, воз, на брод…
„Со оваа изложба. Со овој мој јубилеј и давам посебен акцент на хартијата која што често ме има ослободувано во творештвото. Дури ми има помагано за она што го работам со масло или со акрилик на платно. Самото платно понекогаш делува многу посериозно. Некогаш има кочници кај многу творци, меѓутоа кога човек работи на хартија тогаш со таа слобода многу е полесно да се префрлиш и на платното. Токму од оваа поставка лесно може да се види дека и хартијата скоро и да не заостанува зад платното. Еве јас имам и многу обични рециклирани пакувања од производи што ги користев катадневно, особено од последниве пет-шест години, за мали формати а кои сами по себе се вредни уметнички дела“, вели Сергеј Андреевски.