Во објектот Мала станица при Националната галерија на Македонија, отворена е веќе традиционалната изложба БИСТА 2016 – Биенале на студентите по архитектура.
На оваа изложба на архитектонски проекти се претставија студентите од факултетите по архитектура во државата, како што се Архитектонскиот факултет при УКИМ, Факултетот за архитектура и дизајн на Американ Колеџ, од државниот Тетовски универзитет и од Факултетот за архитектура на МИТ Универзитет.
Победничкиот постер за БИСТА 2016
Изложбата ја отвори претседателот на организацискиот одбор на БИМАС 2016, архитектот Бојан Каранаков, кој меѓу другото истакна дека за настанот БИСТА 2016 бил распишан анонимен студентски конкурс за графичко решение на официјален постер, на којшто учествувале студентите од факултетите присутни на изложбата. Биле пријавени 29 автори со 32 графички решенија, а првонаградениот труд е на студентите Илија Мирчески и Синиша Павловски, вториот е на Маријана Ковачки, додека третата награда и припадна на студентката Срна Спанџева.
Потоа следуваше официјално отворање на изложбата од страна на: декан професор Минас Бакалчев од Архитектонскиот факултет при УКИМ, декан професор Мишко Ралев од Факултетот за архитектура и дизајн на Американ Колеџ, продекан професор Енис Јакупи од државниот Тетовски универзитет и од декан професор Ванѓел Дуновски од Факултетот за архитектура на МИТ Универзитет.
Изложбата која е во рамките на БИМАС 2016, ќе биде отворена до крајот на овој месец.