Улицата „Ѓорѓи Пешков“ во Дебар Маало, општина Центар, од синоќа стана првата боемска улица во Скопје. Станува збор за пешачка зона во која граѓаните ќе можат во староградски амбиент да се насладуваат на една друга убавина, наместо на она што се прави во центарот на градот, кое некои сакаат да го наречат „нова македонска архитектура“. Боемски, наместо кичерајски дух. На отворањето многу музика, вино, а насобраните скопјани слушаа за уметноста и за боемштината. Едноставно, место за дружење и олабавување по напорниот ден.
На синоќешното отворање на улицата беа присутни многу граѓани, музичари, политичари, новинари, стопанственици, режисери и спортисти. „Новата пешачка зона е место во кое кафеанџиите, уметниците и сите кои имаат добра идеја ќе си го најдат местото и просторот каде што ќе се искажат“, велат во општина Центар.
Новото решение на улицата е трансформација во амбиентална пешачка зона со ниски станбени објекти, куќи со дворови и гостилници со вкупна површина од 2.000 метри квадратни. Импровизираните рампи ќе спречат паркирање на возила. На улицата е поставена калдрма, онаа старата останата од плоштадот и други скопски улици.
Од двете страни на улиците има комбинација од стар и нов дрворед од 24 дрвја до кои е доведена инсталација за полевање со систем капка по капка. Осветлувањето е со 15 гусени декоративни фенери.