Во ликовниот салон во Велес отворена е изложба на графики „Кумановски графичари“ што ја организира Центарот за култура од Куманово во соработка со велешкиот Народен музеј, а со финансиска подршка на Министерството за култура.
На неа со свои дела учествуваат академските графичари: Зоран Јакимовски, Стефан Јакимовски, Ханифе Ислами, Милена Арсовска, Валентина Илијевска, Симона Јакимовска, Ана Јовановска, Мила Трендафиловска и Елеонора Накевска.
Ханифе Ислами
Како што појасни пред присутните промоторот на изложбата Роберт Цветковски историчар на уметноста од Центарот за култура од Куманово, на изложбата се претставени 26 графики во повеќе техники, како и графики во боја на графичари од повеќе генерации од Куманово.
– Индивидуалните пристапи во понудените графички остварувања се потенцирани максимално што говори за стремежот кон авторска независност и градење на идентитет на изразот, притоа не непуштајќи ги академските нормативи и канони. Затоа и целата колекција делува компактно и покрај навидум стилското шаренило, нудејќи му истовремено на гледачот сличности и разлики, афирмации и негации, влијанија и обиди за автентичност, и обид да се влезе во специфичниот ум на современиот човек и да се понудат алтернативни решенија во филозофска смисла на секојдневните животни состојби и барем малку да се одгатне нашата реалност со симплифицираниот графички вокабулар, потенцира Цветковски.
Изложбата досега освен во Куманово била во претставена и во Кавадарци, а по Велес ќе биде изложена и во Кочани и Кратово.