Синоќа во фоајето на Младинскиот културен центар во Скопје се одржа изложба на дипломски проекти на генерацијата запишана 2006 година на Архитектонски
Факултет – Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Изложбата е насловена СТАВ, што претставува кованица од Студентска Архитектонска Визија, а воедно и испраќа порака до јавноста дека младите архитекти во Македонија имаат свој став кон архитектурата и гласно го искажуваат. Во име на покровителот, изложбата ја отвори претседателката на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Сања Раѓеновиќ.
На изложбата беа претставени 50 проекти кои разработуваат теми од различен карактер (пренамена на напуштени индустриски објекти, винарии, културни центри, проекти за регенерација на македонски села, нови градски центри, облакодери и многу други. Сите проекти се работени под менторство на професорите од Архитектонскиот факултет во Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Станува збор за проекти кои се однесуваат на разни локации низ државата и во себе носат една поразлична архитектонска визија и свежина.
На изложбата со своја презентација се претстави и архитектот Драган Крстевски, кој моментално работи во Лондон. Тој направи паралела меѓу архитектурата тука и таму, начинот на третирање на „застарените“ објекти кај нас и во светот и на крај се обиде да ги смести нашите проекти во еден светски архитектонски стил.
Веќе денес изложбата се поставува во кафулето Ли каде ќе биде во наредните две недели, а исто така е побарана да гостува и низ неколку други градови низ Македонија, така што и пошироката јавност ќе има можност да ја види.
Претставниците на студентите се надеваат дека нивната визија наскоро ќе стане реалност во нашата земја. „Нашите проекти нескромно можеме да ги споредиме и со светските трендови во архитектурата и со тоа да докажеме дека ние сме инспирирани од целиот свет и нашите погледи кон архитектурата одат многу подалеку“, велат тие.
Елена Петровска