Завршени се работите на изградбата на производниот погон од Римац Кампус, а објектот е претставен на јавноста заедно со Невера Р – нова верзија на најмоќниот сериски автомобил во светот со 2.107 коњски сили.
Кампусот изгледа како сребрен прстен кој ја отсликува природата околу него. Кампусот се наоѓа во Света Недеља, недалеку од Загреб, а познатото загрепско биро 3LHD го замислило како парк со производствен погон и управна зграда кои се интегрирани во околината.
Главната производствена хала, која зафаќа 75.000 квадратни метри, изградена е со користење на индустриска технологија на градба, која комбинира префабрикувани армирано-бетонски и челични елементи. Оваа технологија овозможила брза изградба на објектот со помалку работна сила на самото градилиште.
Куќа во куќа
Внатре во халата се интегрирани различни производствени функции, а просторот е проектиран да овозможи флексибилност и брзо прилагодување според потребите на производството. Посебно внимание е посветено на организацијата на просторот, со одделенија проектирани како „куќи во куќа“ со тавани високи шест метри и меѓупростори за инсталации.
Покрај деловите за производство и складирање, во халата е вклучен и канцелариски дел, сместен на меѓукатот, кој е поврзан со производните процеси. Просторот е осветлен со атриуми и светларници, што овозможува навлегување на природна светлина и создавање пријатна работна атмосфера.
Централниот атриум, кој се наоѓа на пресекот на главните комуникациски оски, служи како простор за собирање на вработените, со голема кујна и заедничка трпезарија. Внатрешната организација на објектот потсетува на мал град, со јасни „улици“ кои овозможуваат ефикасно движење во внатрешноста на халата, додека во непосредна близина се заедничките простории како санитарни јазли и чајни кујни.
Надворешноста на зградата е обликувана со профилирани алуминиумски панели, кои создаваат препознатлив визуелен идентитет. Алуминиумот е избран поради неговата леснотија и едноставност на поставување на фасадата, овозможувајќи ја потребната закривеност на аглите. Во исто време, алуминиумот се рефлектира и на тој начин на објектот му обезбедува монументалност.
Овие панели се делумно перфорирани, што овозможува природно проветрување на техничките простори и поглед кон надворешната средина. Материјалите користени за изградба се внимателно избрани, со фокус на одржливоста и рециклирањето. За потребите на производниот погон се користат само обновливи извори на енергија.
Тркачка патека во комплексот
Имајќи предвид дека се очекува комплексот ќе прима повеќе од илјада вработени и посетители, еден од клучните аспекти на проектот е планирањето на движењето на различни типови корисници.
Протокот на стоки е проектиран со ефикасна трасаа, додека посетителите и клиентите се движат побавно, откривајќи различни делови од кампусот. Внатрешната патека во кампусот, која служи за движење на посетители и стоки, може да се претвори во тркачка патека во посебни ситуации.
Следната фаза
Кога ќе биде целосно завршен, Римац Кампус ќе вопфаќа производство и монтажа на хиперавтомобили, вклучувајќи ги електричните модели Невера и Невера Р, и капацитети за монтажа на прототипови, производство на композитни материјали, CNC обработка, тапацирање и лакирница.
Првата фаза од изградбата на Кампусот е завршена, а следната фаза опфаќа изградба на управна зграда, ресторан и градинка.