Факултет за работи што не се учат – ФРУ, Скопје во соработка со Центар за современи уметности – Скопје, Мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA)Residency Unlimited, Њујор и Trust for Mutual Understanding, Њујорк со задоволство го објавуваат Отворениот повик за наградата ДЕНЕС 2022 за млад(а) визуел(е)н/а уметни(к)/чка во Северна Македонија до 35 години.
Наградата ДЕНЕС се доделува на исклучителна и истакната тековна уметничка практика која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување, како единствена награда за млад(а) визуел(е)н/а уметни(к)/чка во земјава од овој вид.
Оваа значајна и независна награда, која се доделува по шеснаесетти пат во земјава, подразбира двомесечна програма за престој на уметници во Њујорк во Residency Unlimited во 2022 година но и овозможува уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност, да имаат средби и презентации со интернационална жири комисија и да продуцираат ново дело, во рамки на изложба како финалисти на наградата.
Отворениот повик трае од 17 март до 30 април, 2022 година, резултатите за четворицата финалисти ќе бидат објавени на 5 мај, 2022 година. Пријавувањето е на адресата: [email protected]Добитникот/чката на наградата ќе бидат соопштени на изложбата која ќе се отвори на 23 јуни, 2022 година.
Досегашни добитници на наградата ДЕНЕС се: Елена Чемерска, Верица Ковачевска, Зорица Зафировска, Иван Ивановски, Филип Јовановски, Велимир Жерновски, Илија Прокопиев, Кристина Божурска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ана Ивановска, Борис Петровски, Атанас Ботев, Далибор Тренчевски, ОПА (Опсесивна посесивна агресија) и Славица Јанешлиева.
ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ – ПОРТФОЛИО:
1. Име, презиме, адреса, телефон, е-мејл на кандидатот;
2. Професионална биографија (на македонски и англиски јазик) – задолжително со година на раѓање! (до 500 збора);
3. Визуелен и/или видео материјал презентирајќи до 5 уметнички дела создадени во последните три години, дополнет со сите информации за делото во следниот редослед – наслов, година, техника, димензии, краток опис и каде било изложено. Видеата може да бидат презентирани и преку копирање на линк (во случај ако тие се ставени на YOUTUBE или VIMEO);
4. Кратка изјава за работата на уметникот/чката, неговиот/нејзиниот уметнички интерес и уметничка идеја на која работи во моментов на македонски и англиски јазик (до 500 збора);
Сите документи уредно треба да бидат доставени во електронска форма на мејлот [email protected]
Нецелосните апликации, како и апликациите кои ќе бидат испратени по крајниот рок нема да бидат прифатени или земени предвид.
НАГРАДА ДЕНЕС – НАГРАДА СО ДВОДЕЦЕНИСКИ КОНТИНУИТЕТ
Во 1990 година Венди В. Луерс, основачка и директорка на Фондацијата за граѓанско општество, заедно со прецедателот Вацлав Хавел и група на уметници дисиденти најпрво ја основале наградата „Јиндрих Чалупецки“ во Чехословачка за да оддаде признание на уметничката изврсност на младите визуелни уметници, под 35 години, и за да им овозможи искуство на резиденцијален престој во САД.
Основачи на наградата во Македонија се Центарот за современи уметности – Скопје во соработка со Фондацијата за отворено општество во Њујорк, почнувајќи од 2002/2003 год. Од 2015 год. водството на организација и имплементација на наградата го превзема организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“. Првичното жири на наградата одлучи да ѝ го даде името по истакнатата уметничка група ДЕНЕС, која постоела во Македонија во периодот од 1953 – 1955 година.
Од 2015 год, наградата се доделува секоја втора година на млад(а) визуел(е)н/а уметни(к)/чка до 35 години. Дополнително, меѓу-годината ФРУ ја организира дискурзивно – едукативната програма „Совршениот уметник“, курирана од Ивана Васева, составена од серија на настани со цел да се зајакне и поттикне знаењето на младите визуелни уметници во земјава.
Програмата или мрежата на награди за млади визуелни уметници (YVAA – https://www.yvaawards.org/ ) во текот на неколку години беше востановена како интернационална мрежа на слични награди со поддршка од американската фондација Trust from Mutual Understanding. Денес 12 европски земји се дел од оваа мрежа како: Чешка, Словачка, Хрватска, Косово, Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Словенија, Албанија, Бугарија, Унгарија, Црна Гора. Во 2015 година организацијата Residency Unlimited (RU) беше ангажирана како организатор на програмата и како домаќин на резиденцијалната програма во Њујорк.
Повеќе инфомации за критериумите за аплицирање: http://akto-fru.org/en/Критериуми-за-аплицирање_application-criteria/
Повеќе инфомации за процесот на избирање: http://akto-fru.org/en/Процес-на-избирање_selection-procedure/
За сите прашања можете да се обратите кај: Ивана Васева [email protected] или да ја консултирате веб страната: www.akto–fru.org