Новозавршената делница на булеварот Никола Карев официјално е пуштена за сообраќај.
Проектот за проширување и реконструкција на булеварот Никола Карев се реализираше во две фази, a градежните работи од оваа фаза се извршуваа на потегот од крстосницата кај касарната „Илинден“ до Момин Поток во вкупна должина од 980 метри. Со овој проект постојниот коловоз е проширен на четири сообраќајни ленти, со разделно зеленило и нови мешани пешачко-велосипедски патеки од двете страни.
“Станува збор за исклучително фреквентна сообраќајница која е најмногу искористена од жителите на Карпош, Центар, Чаир, Шуто Оризари, Бутел и Гази Баба, но како транзитна сообраќајница користена е и од оние што само минуваат низ овој дел на градот. Оваа сообраќајница ќе се надоврзе и на новата клучка кај Момин Поток чија изведба ќе почне наредната недела, а со нејзиното завршување очекуваме значително да се намали сообраќајниот метеж во овој дел од градот“, вели градоначалникот Петре Шилегов.
На булеварот Никола Карев, во оваа втора фаза од реконструкцијата, изведена е и нова атмосферска канализација и потпорен ѕид во должина од 690 метри, а поставено е и ново лед осветлување од двете страни. Вкупната инвестиција во втората фаза на овој проект изнесувала околу 160 милиони денари.
Минатата пролет Градот Скопје ја заврши првата фаза од реконструкцијата на булеварот Никола Карев, на потегот од клучката кај Бит-пазар до крстосницата кај касарната „Илинден“ во вкупна должина од 1.440 метри.