Градоначалникот Петре Шилегов денеска ја отвори постојаната поставка „Хероите на градот на Вардар“ во целосно реновираната прва партизанска оружарница во Скопје во Меморијалниот музеј сместен на левиот брег на реката Вардар, на кејот Димитар Влахов, зад Археолошкиот музеј на Македонија.
Во услови на окупација и полициски режим, во непосредна близина на кејот и зградата на Митрополијата, на улицата Пајкова број 2, е формирана првата илегална работилница во градот. Задачата за формирањето и организирањето на работилницата им била доверена на Илија Јакимовски – Илчо, Роберт Гајдик и Бранислав Шикиќ, а тие задачата му ја довериле на електромеханичарот Серафим Видовски, кој имал работилница во дворот на својата куќа. Оваа скромна работилница прераснала во јадро на создавање на новата историја на градот и еден од симболите за отпорот на населението против окупаторот и неговиот терор.
Оваа куќа и скромната работилница го дочекале ослободувањетo на Македонија и опстанале сè до 1965 година, но со новиот урбанистички план и изградбата на Стопанска банка во комплексот на културните институции куќата и работилницата биле урнати. Овој објект во 1981 година е пренаменет во Меморијален музеј на илегалните работилници за изработка на оружје во Скопје за време на НОВ (1941-1944) и како нем потсетник за хероите и борците што пожртвувано се бореле и вршеле диверзантски акции врз надмоќниот фашистички окупатор за да ја ослободат нашата татковина.
„Историјата на антифашистичко Скопје, на партизаните, на диверзантските групи, на првиот скопски партизански одред, повторно ќе биде дел од градските културни политики, одбележувања и други содржини. Некогаш познатата, а сега заборавена, илегална партизанска оружарница од денеска е повторно достапна за граѓаните како вредно културно и историско наследство од современата македонска историја. Ќе биде отворена секој работен ден со дежурен кустос и ќе биде полна со ученици од Скопје. Но, исто така треба да стави уште една содржина на туристичката мапа на градот“, рече Шилегов.
Исто така, тој нагласи дека повторното отворање на Музејот симболично се случува на ден кога пред точно 75 години, по долго физичко измачување во Обласната полициска управа во Скопје и без судски процес, биле убиени народните херои Страшо Пинџур и Мирче Ацев.
Со новата изменета и надополнета поставка, чиј автор е Зоја Богдановска, виш кустос историчар, и изложувањето деведесетина зачувани музејски експонати, се будат сеќавањата за илегалната работилница што се користела за изработка на оружје за партизанските одреди со времето на Втората светска војна.
(Макфакс)