Одењето во ресторан со деца не е секогаш многу пријатно искуство, како за родителите, така и за останатите гости. Но, новиот ресторан во кинескиот град Далиан отворен во мај годинава е вистински рај за деца и нивните родители.
Ресторанот Lolly Laputan, проектиран од кинеското архитектонско биро Wutopia Lab на површина од 580 квадратни метри, претставува вистинска земја на чудата за децата со простор за јадење во кој родителите можат да се опуштат.
Фасадата на ресторанот е направена од алуминиумски панели со перфорации во различни димензии кои создаваат испреплетен брановиден ефект. Позади овие бранови на децата им се создава свет помеѓу стварност и сон.
Предното лоби е кружен простор опкружен со шума од светла, составени од 1000 акрилни цевки кои можат да симулираат ефект на сончева светлина низ дебел слој на лисја и да доловат единствено доживување на шума.
The Fairyland Premium Kids Café како вистинска креативна работилница содржи „град од облаци“- Cloudy Town со серија акрилни панели во форма на облаци, куќичка на дрво, тобогани, карусел, сокриена јама со топчиња.
Белата галерија сокриена од централниот дел е простор каде децата можат приватно да се забавуваат со другарчињата.
Црвената плишана завеса го затскрива влезот на бината со дрвен под, тапети и кристални лустери. Кога ќе се тргне завеста бината е спремна за танцување.
Столиците и масите правени по мерка за возрасни, го исполнуваат остатокот од просторот, давајќи им можност на родителите да се опуштат, додека нивните деца играат наоколу.
Структурите кои потсетуваат на куќички ги мамат децата да зачекорат внатре и да си играат, но исто така можат да уживаат и во оброкот со своите родители.
Одвоените катчиња нудат приватен простор за семејството, кое посакува помирно искуство.