EUSEW е најголемиот годишен настан посветен на обновливите извори на енергија и ефикасно користење на енергијата во Европа. Се организира од страна на Европската агенција за клима, инфраструктура и животна средина (CINEA) во соработка со Генералниот директорат за енергетика на ЕУ.
EUSEW 2024 ќе опфати низа настани, почнувајќи од конференцијата на високо ниво која се одржува во Брисел од 11-ти до 13-ти јуни. Собирањето ќе биде во зградата на Европската комисија Charlemagne и блискиот хотел Martin. Сите сесии ќе бидат пренесувани по пат на наменската платформа за онлајн настани. Со оглед дека физички бројот на места е ограничен, организаторите ги повикуваат сите заинтересирани што поскоро да се регистрираат. Овогодишниот слоган е „Енергетски решенија за нето нула емисии за конкурентна Европа“. Темите кои ќе бидат обработени на сесиите вклучуваат јакнење на технологиите со нето нула емисии, потоа влијанието на вештачката интелигенција во енергетскиот сектор, наплатата на емисиите на јаглерод и геотермалниот потенцијал на Европа. Меѓу другите теми се меѓународната соработка, планирање на одржливо локално производство на топлинска енергија во градовите и видливоста на младите професионалци во енергетскиот сектор. Над 300 говорници ќе учествуваат на 60 сесии. Меѓу нив се енергетски стручњаци, истражувачи и претставници на граѓанскиот сектор. Исто така, ќе бидат доделени Европските награди за одржлива енергија EUSEW за 2024 година за поединечни и колективни потфати кои покажале исклучителни резултати во областа на енергетската ефикасност и зелената енергија. EUSEW ќе биде и можност за неформално вмрежување во текот на Саемот за енергетика.