Вчера на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје се случија повеќе настани во рамки на програмата на „Отворен ден на факултетот“.
Со почеток во 10:30 часот во амфитеатарот на факултетот беше промовирана првата публикација од новата едиција „Студио во фокус“ во која се поместени резултатите од истражувањата преку проект работени во рамки на интегративното студио во IX-ти семестар во учебната 2017/18 година – „Обрасци на раст – неприродни екологии“, раководено од доц. д-р Слободан Велевски и доц. д-р Марија Мано Велевска.
Пота во амфитеатарот одржаа предавање архитектите кои работат во Германија Едзард Шулц и Александра Шулевска
Во 12 часот во Големата сала на факултетот се отвори Изложбата на архитектонски студија – ИАС 12. Иаложбата е во контекст на редовните активности на Архитектонскиот факултет насочени кон претставување и промоција на работата на студентите.
На отворањето на изложбата на која дојдоа голем број студенти, професори, ректорот Никола Јанкуловски и проректорите на Универзитетот , деканот Огнен Марина рече „Соработката создава инспиративни дијалози кои произлегуваат од заедничките интереси, но и од сопствените ставови, најчесто подготвени цврсто да ги браниме, како што често знаат да го направат тоа нашите студенти. Соработката во архитектурата подразбира и неуспеси, бидејќи само низ нашите грешки и поуките од нив ќе бидеме кадарани понатаму да истражуваме, создаваме и да го продолжиме дијалогот со себеси и со нашите собеседници“.
Исто така деканот и врачи и посебна благодарница на Кинга Нетман-Мултановска, сопругата на полскиот амбасадор во Македонија Јацек Мултановски за нејзиниот исклучителен и несебичен придонес во збогатувањето на македонските и полските врски во архитектурата. Мултановска по професија не е архитект, но изминативе четири години, за време на мандатот на нејзиниот сопруг, со голем ентузијазам се ангажирала за голем број настани, промоции и изложби, поврзани со факултетот и за создавање конекции со полски институции.