По 19 пат во Охрид е отворен Симпозиумот на Друштвото на градежни конструктори на Македонија (ДГКМ 2021). Оваа година Симпозиум е посветен на темата со мото „ЕВРОКОДОВИ-Порта кон Европа“.
Од посебен интерес е да се направи споредба и да се истакнат разликите кои произлегуваат од примената на досегашните прописи и на Еврокодовите. Токму затоа, еминентни стручни лица од земјава и регионот ќе одржат повикани предавања на таа тема и ке ја приближат проблематиката на нашата стручна јавност.
Покрај Главната тема „ЕВРОКОДОВИ-Порта кон Европа“ , ќе бидат застапени и останатите теми, а тоа се: Теориски и експериментални анализи на конструкции, Современи методи за проектирање на конструкции , Современи техники за изведба на конструкции, Следење на состојбата и однесувањето на конструкциите, Одржување, санација, зајакнување и реконструкција на објектите, Доверливост и трајност на конструкциите, Современи материјали и технологии, предуслов за одржлив развој, Инфраструктурни објекти и други теми поврзани со градежното конструкторство.
На Симпозиумот има 138 труда, кои се презентираат пред 250 гости од Германија, Америка, Србија, Црна Гора, Косово, Хрватска и Ерменија.
Во соработка со Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Северна Македонија и Институтот за стандардизација на Република Северна Македонија, а во рамките на Симпозиумот, ќе се одржат две тркалезни маси на тема: Имплементација на Еврокодовите како национални стандарди – размена на искуства во регионот и Взаемна поврзаност и усогласеност на регулативата и стандардите за проектирање и изведба на објекти.
Главна цел на симпозиумот е да обезбеди форум, каде домашните и странските учесници ќе можат да разменат знаење и идеи за најновите научни достигнувања и практики, поставувајќи насоки за идни истражувања и соработки во областа на градежништвото. Повикани се да учествуваат сите градежни конструктори и студенти, како и истражувачи од сродни области.