Насловна / Вести / Отворен 16. Меѓународен симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија

Отворен 16. Меѓународен симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија

IMG_8941

 

Синоќа во Охрид беше отворен 16. Меѓународен симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија. На овој меѓународен собир учествуваат 300 градежници и архитекти од 12 земји: Македонија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Хрватска, Словенија, Германија, Португалија, Италија, Грција, Казахстан и Соединетите Американски Држави. Симпозиумот ќе се фокусира на прашања од областа на градежното конструкторство, со посебен акцент на современите методи и техники за проектирање и изведба на градежните конструкции како предуслов за одржлив развој. Главна цел на симпозиумот е да обезбеди форум, каде домашните и странските учесници ќе можат да разменат знаење и идеи за најновите научни достигнувања и практики, поставувајќи насоки за идни истражувања и соработки во областа на градежништвото. Повикани се да учествуваат сите градежни конструктори и студенти, како и истражувачи од сродни области. Темата на симпозиумот е „Современи конструкции – одржлив развој“.

IMG_8953
Претседателката на ДГКМ, проф. д-р Мери Цветковска, отворајќи го Симпозиумот го истакна значењето на ваквите собири во развојот на градежното конструкторство. За значењето на ваквите собири зборува и големиот интерес. Тоа го потврдува и фактот што  досега на сите симпозиуми присуствувале речиси 5.000 учесници од земјава и од светот, меѓу нив и од Србија, Бугарија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Романија, Грција , Турција, Германија, Италија, Португалија, Франција, Канада, Нов Зеланд, Австралија и други.

На отворањето зборуваа и го поздравија собирот Ана Тромбева Гаврилоска, генерален секретар на ДГКМ, претставникот од Инженерска комора на Македонија, проф. д-р Милорад Јовановски, претседателот на Друштвото на градежни конструктори на Србија, проф. д-р Ѓорѓе Лаѓиновиќ, претставникот на Друштвото на градежни конструктори на Бугарија, проф. д-р Дончо Партов, деканот на Градежниот факултет на универзитетот на Црна Гора во Подгорица, проф. д-р Милош Кнежевиќ, деканот на Градежниот факултет на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Дарко Мославац, Медет Исабеков менаџер во корпорацијата БИ Груп од Казахстан и градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески. А воведна презентација имаше проф. д-р Дубравка Бјеговиќ , со темата материјали за нови видови и технологии на бетон.

IMG_9071

Традиционално, беа доделени и наградите за остварувања во областа на науката, проектирањето и изведбата на градежни конструкции во периодот помеѓу два симпозиуми. За наука признанија на ДГКМ добија Кемал Едип, Алаксандар Богдановиќ, Марија Лазаревска, Дарко Наков, Златко Зафировски и Коце Тодоров. Од областа на проектирањето беше наградена компанијата DIWI Makedonija dooel, а за изведба награди добија ELEM за хидроцентралата Св. Петка, беше наградена и изградбата на националната спортска арена Филип Втори и компанијата „Синтек“ ДОО, за санација на Мелничкиот мост.

IMG_8972

Во рамките на Симпозиумот, покрај презентацијата на научните трудови, во соработка со Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија, Институтот за стандардизација на РМ и Министерството за Економија предвидено е да се  одржат тркалезни маси на тема „Еврокодови и национални анекси“ и „Градежна регулатива – закони, правилници  и стандарди“.

Сипозиумот ја продолжува работата до сабота.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top