На христијанскиот празник „Голема Богородица“, следниот четврток и официјално ќе биде пуштен во употреба плоштадот во населбата Влае, лоциран до станбениот комплекс „Порта Влае“, пренесе Дневник. Плоштадот ќе го отвори градоначалникот Стевчо Јакимовски , а потоа во 21 часот концерт ќе одржи Влатко Лозановски, во рамките на културното лето „Kарпош 2014“. Шеталиштето зафаќа површина од 6.500 квадратни метри, а од Општината информираат дека неговото име ќе биде плоштад „Влае“, по населбата во која се наоѓа. Плоштадот е хортикултурно уреден со зеленило и цвеќиња, односно со 10.000 цветни садници. Поставени се 50 канделабри, 60 клупи за седење, 20 канти за отпадоци и три фонтани за пиење вода. На овој простор, наредната година ќе почне изградба на црква со површина од 130 квадратни метри. Според општинските власти, целокупниот проект чини околу 30 милиони денари. Изведувач на градежните работи е фирмата „Лутарико“, а изведувач на фонтаната е „Сандра инженеринг“ . Плоштадот почна да се гради лани на 14 јануари, а требаше да биде готов до март. Но, со месеци на градилиштето немаше никаква активност затоа што, според општинските власти, првично избраната фирма „Сандра инженеринг“ не го почитувала рокот за завршување. Поради тоа лани на 10 септември договорот со оваа фирма беше раскинат, а во јануари годинава беше склучен нов договор со фирмата „Лутарико“, вреден 308.802 евра, од кога повторно почнаа работите.