На завршната конференција „Сино и зелено наспроти црно и сиво“ одржана денеска во Охрид, невладините организации „Локална агенција за развој“ (ЛДА) од Струга и „Еуропартнерс Дивелопмент“ од Тирана ги презентираа резултатите од проектот „Интегриран екосистемски пристап за сливот на Охридското Езеро како алатка за зачувување и заштита на природните ресурси“.
Од невладината ЛДА појаснуваат дека во рамки на проектот реализиран изминатите 18 месеци изработена е студија за интегрирано управување со сливот на Охридското Езеро, со препораки на истражувачите и експертите вклучени во проектот за тоа што се треба да се направи за правилно искористување на ресурсите со кои располага регионот, конкретно кога станува збор за шумите, водите и обработливите површини. Препораките ќе бидат доставени до надлежните институции.
Ѓоко Зороски од ЛДА како жешки еколошки точки регистрирани во текот на истражувањето ги посочи отпадните води од двете на Охридското Езеро, кои преку реките од езерскиот слив доаѓаат во езерото.
– Прекумерната употреба на минерални ѓубрива и пестициди присутна во двете земји и на моменти неконтролирана, е главна причина за внес на фосфор во Охридско Езеро, но тука е и реката Сатеска. Претстои опасност и за загадување на отпадните води посебно во Струшко Поле каде неконтролирано се одлага отпадот и постои депонија без стандарди, – појасни Зороски.
За „Еуропартнерс Девелопмент“ од Тирана предностите на спроведениот проект произлегуваат од обединувањето на релевантни структури од двете држави во координирани активнсоти насочени кон поголема заштита на Охридското Езеро.
Еднела Пингули од „Еуропартнерс Девелопмент“ меѓу другото истакна дека во рамки на проектот е формирана локална група на дејствување, составена од експерти од двете држави, што ќе работат на имплементацијата на проектот.
– Таа група поддржана од Европската унија ќе работи како структура чии активности ќе бидат насочени кон заштита на Охридското Езеро, – рече Пингули.
Проектот „Интегриран екосистемски пристап за сливот на Охридското Езеро како алатка за зачувување и заштита на природните ресурси“ се реализира со поддршка на фондовите ИПА за прекугранична соработка предвидени за периодот од 2007 до 2013 година.