Спречувањето на загубите на топлинската енергија генерално се занемарува како решение за енергетската криза. Всушност, вишокот на топлина генериран ширум Европа, би можел да го снабди речиси целиот континент со потребната топлинска енергија, без трошење на нови енергетски ресурси. Имено, извештајот кој неодамна го објави реномираната компанија Danfoss, проценува дека само во Европската унија вишокот на топлина е еднаков на 2.860 TWh годишно, што изнесува скоро колку и вкупната енергетска побарувачка на ЕУ за топлинска енергија и топла вода.
Голем дел од таа отпадна топлина би можела да биде искористена. Изворите на отпадна топлина се различни – од индустриски погони, дата центри, деловни згради, комерцијални објекти до транспортни мрежи. Зафаќањето и повторното користење на оваа топлина може да се врши со рекуперација односно регенерација со познати технологии – топлински изменувачи, топлински пумпи (отпадната топлина да има улога на топлински извор) и сл. Другите решенија вклучуваат подобрено урбанистичко планирање, како и проектирање и изведба на централизирани системи за греење и ладење кои ќе користат обновливи извори.