Лоциран на северозапдот на Турција во универзитетскиот град Ескишехир, музејот Odunpazari Modern Museum (OMM), претставува уметнички полигон со површина од 4.500 квадратни метри, кој ќе биде отворен ова лето.
Музејот е основан од колекционерот на уметнички предмети и бизнисмен Ерол Табан, а проектот е под водство на прочуениот архитект Кенго Кума. Новиот музеј ќе содржи вредна колекција на модерна и современа уметност, почнувајќи од 50-тите години на минатиот век до денес.
Дизајнот насочен на дрво како примарен конструктивен елемент, оддава почит на локалната архитектура, но и историјата на градот која била обележана со успешна трговија со дрво. За Ескишехир биле карактеристични отомански дрвени куќи со еркери, кои биле инспирација за архитектурата на објектот. Дрвото се појавува и на фасадите и се провлекува низ целиот ентериер.
Нов градски репер
Музејот OMM заедно со околните културни институции ќе формира плоштад, кој би требало да стане ново место на собирање, а музејот нов културен симбол на градот.
„Срцето на овој проект беше желбата да се креира врска помеѓу луѓето и уметноста. Сакавме објектот да ја носи историјата и сеќавањето на градот, а истовремено да внимава и на односот кон човекот. Со големо нетрпение чекаме да видиме како јавноста ќе комуницира со зградата“, истакнал Кенго Кума.
Отворен концепт
Просторот на музејот е организиран низ три ката, почнувајќи од приземје кое е решено преку отворен концепт за организирање на поголеми поставки, а на спратовите се продолжува со систем на помали простории за поставување на уметнички дела од помал формат.
Централно поставениот атриумк ги поврзува катовите и овозможува проток на потребно количество природна светлина во внатрешноста на објектот.