Милиони луѓе ширум светот виртуелно ќе се обединат во испраќање заедничка порака за спас на планетата Земја, во сабота на 27 март, кога ќе се одржи глобалната еколошка акција „Часот на планетата Земја“. Точно во 20:30 часот, по локално време, во мрак ќе потонат илјадници споменици ширум светот за да предупредат дека климатските промени се случуваат сега и тука.
„Часот на планетата Земја“ е предводник на глобалното движење за животна средина на WWF. Започнато во Сиднеј во 2007 година, „Часот на планетата Земја“ стана едно од најголемите движења во светот за животната средина, инспирирајќи ги поединците, заедниците, бизнисите и владите во повеќе од 180 земји и територии ширум светот да преземат активности за спас на животната средина.
Историски гледано, „Часот на планетата Земјата“ во минатото се фокусираше на климатската криза, но од неодамна, се обидува да го донесе и нагласи прашањето за загубата на природата. Целта е да се создаде незапирливо движење за природата, препознавајќи ја улогата на поединците во креирањето решенија за најгорливите предизвици на планетата, како глобален момент на солидарност за планетата.
КЛУЧНА МОЖНОСТ ЗА СИТЕ
Глобалните истражувања покажуваат дека светот не успеал да ги исполни целите за зачувување на биодиверзитетот во 2020 година. „Часот на планетата Земја“ како еколошка акција е клучна можност за поединците, невладините организации, бизнисите и сите други да ги повикаат светските лидери да го стават фокусот на зачувување на природата, како најважна алка за опстанокот на животот на Земјата.
„2021 година е клучна година за човештвото. Додека светот се обидува да закрепне од пустошот на пандемијата со КОВИД-19 и да се изгради повторно, треба да ја ставиме природата во центарот на нашите напори за обновување за да ја осигураме нашата иднина на оваа планета. „Часот на планетата Земја“ е критичен момент за поединците, лидерите и еколозите да се обединат и да повикаат на итни мерки за да се врати загубата на природата и да се обезбеди природен позитивен свет до 2030 година!“, вели Марко Ламбертини, генерален директор на Светскиот фонд за природа (WWF).
МАКЕДОНИЈА ДАВА ПОДДРШКА ВЕЌЕ 12 ГОДИНИ
Во оваа глобална акција, нашата земја се приклучува веќе по 12 пат. Ѓорги Селков од локалната канцеларија на акцијата во Македонија, од својата 16 година ја организира оваа акција кај нас. „Пораснав со оваа акција и е навистина дел од мојата младост и голем фактор во градењето на мојата личност. Уште од средношколските денови имав новинарска пасија, па така редовно пишував и известував за оваа акција, затоа што бев фасциниран од моментот дека светот се обединува во едночасовен еколошки мрак, па така промовирајќи ја акцијата бев контактиран од тимот на Светскиот фонд за природа, кој две години подоцна ми понуди и официјално да бидам претставник на оваа глобална организација во Македонија и да ја пренесувам пораката со нашите сограѓани“, објаснува Селков.
Минатата година полицискиот час, како една од превентивните мерки против ширењето на коронавирусот почна на истиот ден кога се одржуваше акцијата, и сега еве една година подоцна, ние сè уште сме во ситуација ваквите настани да ги одбележуваме виртуелно, додава Селков. Но, тоа им било предизвик, па годинава одат чекор понапред од лани и ќе организираат дигитална конференција за климатски промени насловена #EarthHourMK: Дали природата го возвраќа ударот? за која имаат богата програма. „На конференцијата своја презентација за климатските промени ќе има Павлина Здравева, координатор за климатски промени во УНДП Македонија, а следуваат и три дебати со претставници на локалната и на извршната власт, млади екоактивисти и претставници на бизнис-секторот, кои накратко ќе ја презентираат својата климатска акција и ќе пратат порака за актуализирање на проблемите со кои човештвото се соочува“, нагласува Селков. Тој додава дека освен оваа конференција, ќе го има и тоа традиционално исклучување на осветлувањето на зградите во период од еден час, но секако, ова зависи во однос на тековната ситуација, ако рестриктивните мерки се зголемат, овој момент ќе биде откажан. Свое учество потврдиле претседателот на Република Северна Македонија – Вила „Водно“, Владата, скопскиот градски плоштад и сите оние атрактивни објекти на кејот на реката Вардар, скопската тврдина „Кале“, Порта „Македонија“, улица „Македонија“, парковите во скопските општини Аеродром и Карпош, како и атрактивните Самоилови тврдини и црквите „Канео“, „Света Софија“ и „Плаошник“ во Охрид.
ПОДДРШКАТА Е ГОЛЕМА, НО СВЕСНОСТА КАЈ ГРАЃАНИТЕ НЕ
За тоа колку Македонија придонесува кон спас на планетата Земја, Селков вели дека како што годините минуваат, навистина прашањето за климатските промени, за загубата на природата и животната средина станува сè поактуелно како кај граѓаните, така и кај владиниот, невладиниот сектор и бизнисите. Само почитувањето на правилата кои ги диктира природата е услов да го вратиме изгубениот баланс на Земјата. „Нашиот сегашен начин на живеење доведува до катастрофално уништување на природата што ја зголемува нашата ранливост кон пандемии, ги забрзува климатските промени и ја става во ризик нашата егзистенцијата. Затоа е важно да сфатиме дека секој од нас има моќ да направи промена, а нашата акција е мал поттик и повик за акција кон целиот свет“, вели Селков. Тој додава дека поддршката на акцијата е голема, но свесноста кај граѓаните не. Треба да сфатиме дека ова не треба да биде еден час во годината кој ќе го посветиме на нашиот единствен дом, туку секојдневно да создадеме навики, дури и најмали, кои на глобално ниво многу би помогнале за враќање на хармонијата во природата. Со докази кои упатуваат на тесна поврзаност меѓу уништувањето на природата и светските пандемии како таа со КОВИД-19, „Часот на планетата Земја“ и Светскиот фонд за природа (WWF) оваа година ќе го искористат светскиот едночасовен мрак да алармираат дека зачувувањето на природата и биодиверзитетот, намалувањето на ефектот од климатските промени и одржливото живеење се пресудни за нашата иднина на оваа планета, додава Селков.
ПОДДРШКА ОД ОПШТЕСТВЕНО ОДГОВОРНИТЕ КОМПАНИИ
Тој нагласува дека во акцијата, активно, години наназад, им се приклучуваат Црвениот крст и Сојузот на извидници на Македонија, училиштата, локалните самоуправи. „Тоа се навистина илјадници луѓе од сите генерации кои имаат една заедничка порака – да заблеска светлината на климатските промени. За време на акцијата добиваме илјадници пораки и фотографии од граѓаните како ја одбележуваат акцијата во своите домови, со исклучени светилки, и навистина е за голем поздрав и за нас голем предизвик и мотив да продолжиме да ја актуализираме акцијата „Часот на планетата Земја“ во Македонија“, вели Селков. Тој додава дека за невладините организации поддршката од бизнис-секторот е навистина важна. „Нашата организација има навистина моќни сојузници во борбата против климатските промени, па како глобално, така и локално имаме голема поддршка од бизнис-секторот. Има компании кои години наназад се покажуваат како општествено одговорни кои ја препознаваат пораката во нашето движење. Нема да ги заборавиме и нашите пријатели од УНДП Македонија кои се секогаш подготвени да помогнат, особено кога станува збор за екологијата и за животната средина“, нагласува тој.
Она што е дополнителен поттик за Селков и останатите организатори за да се организира акцијата секако се моментите кои остануваат запаметени. „Моменти за паметење има многу, а нешто што мене најмногу ме исполнува по секоја акција е кога светот ќе види дека мала земја како Македонија е еден од најголемите поддржувачи на оваа акција. Па така, низ годините имало ситуации на тие глобални видеа кои завршуваат по светските медиуми да видите снимки од исклучуваања на осветлувањето на големи споменици и згради од светските метрополи, и потоа инсерти како нашите најмлади поддржувачи од мали места во Македонија како Крива Паланка или Гевгелија ги исклучуваат светилките“, вели Селков.
ГЛОБАЛНО УЧЕСТВО ВО КРИТИЧНИ ИНИЦИЈАТИВИ
Инаку, во минатата деценија, „Часот на планетата Земја“ инспирираше глобално учество во критични иницијативи за природата, климата и животната средина, помагајќи во кревање на свеста за проблемите со кои се соочува нашата планета. Изминатите години, движењето помогна во создавање на 3,5 милиони хектари заштитена морска област во Аргентина, шума од 2.700 хектари во Уганда и помогна да се донесе нова законска регулатива за заштита на морињата и шумите во Русија. Минатата година, WWF-Еквадор се заложи за закон за забрана за употреба на пластични кеси, други пластични еднократни производи и производи од стиропор во главниот град, додека пак WWF-Индонезија иницираше засадување на 20 илјади садници од мангрови во 13 градови.