Енергетската компанија Vattenfall во соработка со Кара Делевињ, британски модел, актерка и активистка против климатските промени, ја покрена кампањата „Индустриските емисии, доволно чисти за да ги ставите на лице“. Имено, споменатата компанија го произвела препаратот за лице Industrial Emissions Face Mist. Нема намера да премине во козметичката индустрија, но сака да испрати порака за важноста на декарбонизацијата и улогата на зелениот водород.
Освежувачот за лице е направен од отпадната вода од пилот постројката HYBRIT (Hydrogen Breakthrough Ironmaking Technology). Проектот на оваа зелена челичарница во Шведска во 2017 година го покренале компанијата производител на челик SSAB, рударската компанија LKAB и Vattenfall. Индустријата за производство на челик е една од јаглеродно најинтензивните. Но, со замената на јагленот и коксот со водород, HYBRIT може да ги намали емисиите на CO2 во Шведска за 10%. Целта на оваа кампања е инспирација за што поголем број индустрии да се декарбонизираат. Industrial Emissions Face Mist не е во продажба. За потребите на кампањата произведена е одредена количина која се дели бесплатно.