Грчкиот фонд за приватизација во октомври ги очекува финалните понуди за купување на солунското пристаниште. Заинтересираните компании ќе треба да ги поднесат своите понуди до почетокот на октомври, а компанијата со најдобра понуда ќе стане сопственик на мнозинскиот пакет од 67 отсто од акциите на солунското пристаниште, објави Мета.
Во првата фаза од тендерот за приватизација на второто најголемо пристаниште во Грција, кое го користат и македонските компании, се влезени осум заинтересирани компании: „АПМ терминалс“ – подружница на „Маерск“, германската компанија „Дојче инвест“, „Дуферко“, филипинската ИЦТС, јапонската „Митсуи“, „Пи енд О стим навигејшн компани“, која е дел од „Дубао портс“, конзорциумот на Руската железница со грчката ГЕК-Терна и турската компанија „Тилпорт холдинг“.
Секоја од компаниите ќе мора да се обврзе да инвестира 220 милиони евра за ревитализација на инфраструктурата на пристаништето. Одлуката за приватизација на пристаништето наиде на големи реакции од вработените, кои штрајкуваа два месеца со блокада на работата на пристаништето за да издејствуваат подобри колективни договори. Штрајкот предизвика големи загуби и значително влијаеше на нарушување на имиџот на овој значаен европски пристаништен центар . Според информациите во Грција, изминатата година преку Солун биле пренесени речиси 7 милиони тони стоки и производи, пренесе Мета.