Во италијанскиот град Неапол, неодамна официјално се отвори новата рецепција и влезен хол во болницата „Hospital of the Sea“ (Ospedale del Mare). Главни дизајнери на новосоздадената структура се сопствениците на архитектонското студио IaN+, архитектите Carmelo Baglivo, Luca Galofaro и Stefania Manna.
Студиото IaN+ уште од своето основање во 1997 година се занимава со теоретските и практичните аспекти на архитектурата, а она што придонесува да се разликуваат од останатите е изградбата на мултидисциплинарен пат на истражување, што воедно ги прави познати на меѓународната сцена.
По барање на тогашниот министер за здравство Umberto Veronesi, во 2001 година познатиот архитект Ренцо Пијано (Renzo Piano) изработил модел за изгледот на болницата.
На планирата стуктура било план да се додаде рецепција чијашто главна специфика ќе биде посветеноста кон секојдневниот живот, односно ќе содржи мноштво фукнции кои ќе бидат во помош на пациентите, вработените и посетителите, овозможувајќи полесни пристапи и влијаејќи позитивно врз психичкото расположение на оние што се наоѓаат во болницата.
Во 2004 година, архитектонското студио Ian+ настапува на сцената со свој предлог-план за можниот изглед на рецепцијата, меѓутоа нејзината изградба постојано била во прекин, којшто конечно е надминат со склучување на договор со фирмата Astaldi Spa.
Концептот на Ian+ се базира на создавање јавен плоштад кој ќе ги поврзе градот и болницата, а истовремено ќе озоможи пристапи и сервисни функции околу простран светол влез кој е распореден на три ката. Јавниот плоштад заедно со влезниот хол, во кој се интегрирани разновидни приемни сервиси, се завршени во месец март минатата година, додека дистрибуционите патеки коишто овозможуваат пристапи до болницата моментално се уште во изградба.
Системот на местата за прием во влезниот хол е веднаш видлив, како резултат на присуството на голем кружен волумен и надворешната обработка од панели во боја изработени од комбинација на армиран бетон и стакло. До влезниот хол се пристапува преку плоштад, поставен линеарно во однос на самиот влез, кој на крајот се проширува според самата хала.
Поплочениот плоштад дефинира одредена површина преку употребата на слој од смола и каменчиња т.н. „зелени Алпи“. На неа се надоврзува површина на која се поставени тенки столбови во различни бои и клупи за седење, односно вклучува една слика на вештачки пејзаж на метални засолништа во комбинација со дрвја.
Салата им нуди на посетителите перцепција на голем и динамичен простор во кружна форма, којшто дистрибуира мноштво функционални и сервисни услуги околу главните патеки. Насоката на патеката што води кон болницата ротира за 30 степени во однос на влезната врата, а во истата насока се поставуваат и ескалаторите што водат до горните нивоа. Тенките метални столбови со кружен пресек пркосат на правилната геометрија на структуралната рамка и се поставени слободно во просторот.
Целиот волумен, поделен на три нивоа, е исполнет со светлина која филтрира помеѓу завесите од обоено стакло со сини и зелени тонови, а благодарение на трите кружни и аксијално поместени отвори, кои ги поврзуваат покривот и подот, пенетрирајќи низ целиот волумен на објектот, се овозможува огромно количество на природна светлина.
Овој дизајн на архитектите од студиото IaN+ нагласува одредени теми кои тие ги истражувале преку претходно изработени проекти, односно ја нагласува идентификацијата на формалното решение постигнато преку мала геометриска и концептуална дисторзија, потоа рефлексијата на јавниот простор, потрагата по „втора природа“ на вештачки изработен пејзаж и употребата на текстури кои се карактеризираат преку нивната површина и светлината што ја одбиваат од нив.
Истражувањето и експериментирањето што архитектонското студио IaN+ се обидуваше да го демонстрира уште од почетокот на своите проектантски денови, се потврди со креацијата на приемниот дел на болницата Ospedale del Mare.
Текст: Сузана Ламберт (Текстот е реализиран во соработка со Image Media Agency од Фиренца, Италија)
Фотографии: Марио Ферара