Во Природонаучниот музеј ќе бидат реконципирани и осовременети тематските и постојаните музејски поставки и ќе бидат уредени депоата, соопшти денеска министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска по посетата на најстариот музеј во Македонија.
– Ова се два клучни проекта кои ќе завршат до крајот на 2017 година. Избрана е фирма која ќе ги изведува проектите и веќе од недела ќе почне интензивно со работа. Ќе се уреди салата каде што се одржуваат тематските изложби и салата за предавања и семинари. Ќе се уреди и влезната партија на институцијата, а ќе има и ентериерно уредување.
Природонаучниот музеј е специфична институција, огромен биолошки центар, со над 300.000 примероци на природно богатство и стручни служби кои континуирано работат на истражувања. Имаат многу значајни наоди кои ќе бидат публикувани. Ме радува што во установата се вработи млад кадар од биолози, изјави Канческа-Милевска.
Додаде дека идната година Природонаучниот музеј ќе одбележи 90 години постоење и очекува за јубилејот да има нова музејска поставка во новоуредената сала.
Директорот на Музејот Исмет Мехмети истакна дека проектот ќе се реализира според планот. – Има волја, сила и знаење овде за се ова да се направи во најдобар можен ред, рече Мехмети.
Во салата што ќе се реновира до недела трае изложбата „Чудесниот свет на пајаците“, која гостува од Полска, а финансиски е поддржана од Министерството за култура. Беше отворена на 21 септември и за два месеца ја виделе над 8.000 посетители, најголем дел од нив ученици.
Во стаклени терариуми се претставени живи, егзотични видови на пајаци од сите континенти, меѓу нив најголемиот и најотровниот пајак, како и скорпии од кои и најголемата т.н. императорска скорпија.
Светозар Петковски од Одделот за ’рбетници изјави дека посетителите првпат имаат можност да ги видат во живо, а целта им е да се надмине фобијата од пајаците бидејќи, како што рече, тие се еден дел од синџирот на биолошката разновидност во природата.
– И Македонија има богата фауна на пајаци и е едно од најбогатите подрачја во Европа по присуство на пајаци. Досега имаме регистрирано 850 видови пајаци, што далеку го надминува бројот на некои северноевропски и средноевропски земји каде бројот се движи до 500 видови. Оваа година работевме на десет истражувачки проекти од различни области и во нашите постојани изложби континуирано се надополнуваат експонатите, рече Петковски.