Преку програмата за живот без автомобили, голем број улици во норвешката престолнина се затворени за автомобили, а отстранети се дури 760 места за паркирање, а наместо нив се инсталирани велосипедски патеки и паркови.
Оваа цел во Осло не е постигната одеднаш, но требало многу време да се постигне. Всушност, првите идеи за промена на инфраструктурата на јавниот простор се појавиле уште во 1990 година, кога е сменет системот на главните улици и тие се преместени под нивото на земјата. Оваа првична одлука направила бројот на автомобили на некогашните најфреквентни улици значително да се намали, пренесува Клима 101, пишувајќи од Streetsblog.
Се проценува дека Осло ќе забележи пораст на населението од скоро 30 отсто до 2040 година, поради што главниот град на Норвешка почнал да се грижи за своите емисии. Во 2016 година спроведена била стратегија за клима и енергија, чија цел е да се намалат емисиите на стакленички гасови во Осло за 50 отсто до 2022 година и да се достигнат нето-нула емисии до 2050 година. Со цел да се направи овој град почист за живот и да се обезбеди намалување на емисиите и покрај зголемувањето на популацијата, дел од решението е да се направи центарот на градот без автомобили. Првите акции се случиле во шест пилот области во текот на летото 2017 година, кога биле отстранети првите 350 места за паркирање, додека една година подоцна продолжило отстранувањето на местата за паркирање, со спроведување на мерките за промени во стилот на возење во центарот на градот. На места каде порано имало улици каде се движеле само автомобили, во Осло се изградени голем број нови патеки за пешаци, а една улица е претворена во улица за мешана употреба, каде што две третини од просторот без автомобили е резервиран за пешаците. Во центарот на градот поставени се нови клупи и фонтани за вода за пиење, како и игралишта за деца низ градот. Со цел овие простори да бидат привлечни во секое време, инсталирано е трајно улично осветлување. Проектот за живот без автомобил донел бројни позитивни резултати, а еден од најважните е секако дека во 2019 година немало смртни случаи на пешаци и велосипедисти во центарот на градот. Ова е значително подобрување во однос на 1990 година, кога 19 лица загинале во сообраќајот во центарот на Осло.
Од примерот на Осло, може да се види дека транзицијата кон секојдневниот живот без автомобили е навистина можна, дури и во големите градови како главниот град на Норвешка, но исто така и дека ваквите проекти им носат повеќе придобивки на граѓаните, пред се во однос на нивната безбедност, но и во однос на значително намалување на емисиите.