Насловна / Архитектура / Оскар Нимаер: „Многу е ретко луѓето да имаат добар вкус“

Оскар Нимаер: „Многу е ретко луѓето да имаат добар вкус“

Можеби најсоодветниот трибјут на делото на Оскар Нимаер (1907 – 2012), архитект кој целиот свој век го помина борејќи се против прави агли, лежи токму во тоа што, на 103-годишна возраст, тој можеше да црта само со брановидни, криви линии.

01

Овој титан на архитектурата, кој ја креирал Бразилија и најславниот апостол на Ле Корбизје, на 104 годишна возраст имал потреба од асистенција и помош во неговата несигурна и бавна прошетка низ своето биро, на единаесеттиот кат од величествената „Mae West“ палата на Копакабана.

011

Зградата на ОН, Њујорк

Во својата младост слика и прилика на Марлон Брандо, овој извонреден човек, еден од последните проекти што ги изработил, бил лифт за неговото сакано биро, со кое конечно успеал да ги надмине омрзнатите скали, кои, откако го скршил колкот, повеќе не можел да ги користи. Но, Нимаер, без оглед на неговите возрасни години, секогаш бил нурнат во работата.

3

Говорејќи за архитектура велел: „Ние го мразевме Баухаус, тоа беше многу лошо време за архитектурата. Тие едноставно немаа никаков талент. Сè што имаа беа норми. Имаа дури и правила за вилушки и ножеви. Пикасо никогаш не би прифатил норми. Куќа како машина? Не. Никогаш! Се што е машинско е грдо. Нормата е нешто најлошо, имаш само желба да ја прекршиш“. И тој го направи тоа!

11

Niterói Contemporary Art Museum, Нитерој

Нимаер и во длабока старост во неговото биро на Копакабана, бил вклучен во проектирање музеи, културни центри, споменици и библиотеки ширум светот. Во Бразил завршил неколку големи згради: Teatra Popular Niteroi, музеј… За Куба и неговиот долгогодишен пријател и соборец Фидел Кастро, Нимаер проектирал мултимедијален центар – споменик на кубанскиот отпор кон Америка, театар и новата амбасада на Бразил во Хавана.

20

Претседателска палата, Бразилија

Фидел своевремено изјавил: „Нимаер и јас сме последните комунисти на оваа планета“. Оскар, во својот огромен градежен опус од над 2.000 проекти, заедно со Ле Корбизје, ја има зградата на Обединетите нации во Њујорк, Змискиот павилјон за Зоолошката градина во Лондон и зградата на Комунистичката партија на Франција во Париз.

2

Комунистичката партија на Франција, Париз

Во паузата меѓу проектите, кои првично ги поставувал и скицирал со кривулести линии на полупроѕирна, белузлава, скиц хартија, кои потоа веднаш се дистрибуирале до неговите соработници во бирото на разработка, Нимаер примал колеги и достоинственици од целиот свет.

13

Сите тие доаѓале да му оддадат почит на најголемиот жив модернист во светот, човекот познат во Рио како „Doutor (доктор) Oscar”. Го посетувале Заха Хадид, италијанскиот архитект Масимилијано Фуксас. Исто така и претседателот на Венецуела, Хуго Чавез. Потоа, тука се многуте јавни почести и свечено отворање на неговите објекти низ Бразил. Во Рио бил премиерно прикажан и нов документарен филм за Нимаер на бразилскиот режисер Фабијан Масиел. Во меѓувреме, Нимаер нашол и време и да се ожени: во ноември 2006 година, непосредно пред неговиот 99-ти роденден, се оженил со својата долгогодишна секретарка Вера Лусија, која била на возраст од 60 години.

16

Бразилски национален конгрес, Бразилија

„Жените се фундаментални“, велел Оскар со засипнат шепот, со кој говорел во староста, опкружен со чад и препознатливиот мирис на кубанските цигарилоси. Нимаер поминал 76 години во брак со својата прва сопруга Анита Балдо, се до нејзината смрт во 2004. година. Потоа, со истиот шепот, тој продолжувал и велел: „Животот е многу поважен од архитектурата“.

15

Интернационален културен центар, Авилес, Шпанија

Во последните години од својот живот doutor Oscar не сакал премногу да зборува за архитектурата, мавтал со рака и изјавувал: „Не е важно“, па така разговарал за својата теорија за космосот, политиката во Бразил, филозофијата. „Животот е многу минлив, и затоа е многу важно да се биде благороден и оптимист. Гледаме наназад и правиме биланс за тоа колку добро сме направиле во нашите животи. Секој создава своја приказна и продолжува понатаму. И тоа е тоа. Не се чувствувам особено важен. Тоа што го создаваме не е значајно. Сите ние сме многу безначајни“.

00

Во подоцнежните години Нимаер одбивал да работи на приватни резиденции, прифаќал исклучиво големи проекти, кои клиентите, како што велел, не можат лесно да ги упропастат. Еден од неговите последни резиденцијални проекти во Рио бил, според неговите зборови, „застрашувачко искуство“. Сè започнало кога сопругата на клиентот, кога куќата била завршена, инсистирала таа да продолжи со дизајнот и опремање на ентериерот. „Многу е ретко луѓето да имаат добар вкус“, велел Нимаер и продолжувал:„Ентериерот на куќата треба да го претставува истиот архитектонски дух кој го поседува екстериерот. Кога тоа нема да се случи, се случува колизија и фијаско“.

17

Станбена зграда, Берлин

Нимаер ја исмејувал Америка и го обвинувал капитализмот за многу проблеми во светот. Во 2003. година, тој одбил да учествува на конкурсот за WTC, локацијата на која некогаш се наоѓаа кулите близначки на Светскиот трговски центар во Њујорк, токму поради неговото длабоко несогласување со американската надворешна политика. „Загрижен сум за американската доминација и бомбите што Американците ги фрлаат низ светот“, велел Нимаер. Иако, останал оптимист за иднината, барем кога станува збор за Латинска Америка: „Фидел, Чавез, тие денес го претставуваат отпорот. Капитализмот е доминантен. Но, капитализмот ќе падне. Во тоа сум апсолутно сигурен. Револуцијата не може да се запре“.

1

Нимаеровото сфаќање за комунизмот не е догматско. Тој велел: „Потекнувам од католичко семејство полно со предрасуди. Архитектурата беше мојот начин да ги изразам моите идеи, да бидам едноставен, да создадам свет еднаков за сите, да гледам на луѓето со оптимизам, секој да има понешто. Јас не сакам ништо за себе освен општа среќа. Зошто е тоа лошо?“

Кога овој доживотен атеист, кој голем дел од својата кариера го поминал проектирајќи цркви, го прашале што мисли за среќата после смртта, пушејчи цигарилос одговорил: „Ништо“.

10

Катедрала во Бразилија

 

Испрати коментар

Scroll To Top