Во новоизградениот парк во Мичурин оштетен е еден од головите на спортското игралиште, а исто така исечен е и еден кабел за струја, информираат од Општина Аеродром. Од таму додаваат дека случајот е пријавен во полиција и се надеваат дека вандалите во најбрзо време ќе бидат пронајдени и соодветно казнети.
Исто така, урбана опрема била уништена и во Паркот на езерата, како и на спортското игралиште во близина на ОУ „Ѓорѓија Пулевски“, каде што претходно биле исклучени рефлекторите.
Инаку, паркот во Мичурин се протега на површина од 3 573 квадратни метри и е проектиран според сите стандарди. Покрај зелените површини паркот има детско игралиште, пешачки патеки со клупи, комбинирано спортско игралиште за рекреација со современа подлога, место за друштвени игри за младите и возрасните, како и вело-сервис и паркиралиште за велосипеди.