Народното верување вели дека желбата на човекот може да му се исполни ако со техника на оригами направи 1.000 жерави од хартија. Но, што всушност се оригами? Зборот оригами потекнува од јапонските зборови ори – што значи виткање, и ками – што значи хартија. Тоа е традиционална јапонска уметност за правење модели од хартија. Традиционално, за создавање форми се користи квадрат, но денес постојат голем број модели кои се прават и од други форми на хартија – правоаголници, триаголници, октагони итн.
ИСТОРИЈА И СИМБОЛИКA
Првото уметничко виткање на хартија забележано е во Кина за време на владеењето на династијата Хан (25-220 п. н.е.). Хартијата пристигнала во Јапонија во текот на шестиот век, и додека многу други култури се занимавале со во виткањето хартија, Јапонците брзо ја претвориле во призната уметност. Кога оваа техника почнала да се практикува, хартијата била скапа, па затоа ја практикувале само припадниците на повисоките општествени слоеви. Јапонските монаси правеле фигури од хартија за церемонијални ритуали и за украсување простори. Подоцна и обичните луѓе почнале да практикуваат оригами и да ги подаруваат своите креации од хартија на пријателите и семејството. Денес, оригамито е популарно во целиот свет, исто така е препознаено и како уметничка форма, а се користи и за едукативни и терапевтски цели. Теми се најчесто животни, меѓу кои жеравот завзема централно место.
Оригами жеравот во Јапонија има древна историја, а народното верување вели дека на човек може да му се исполни желбата ако состави 1.000 оригами жерави. Ова верување е популаризирано од болното девојче Садако Сасаки, која го искористила за да испрати моќна и трајна порака. Таа, правејќи ги своите 1.000 жерави, посакала да заврши војната, и така мирот во светот го ставила над своето оздравување. Денес луѓето продолжуваат да прават и подаруваат оригами жерави, кои оттогаш станале симбол на надеж и љубов. Во Паркот на мирот во Хирошима постои статуа на жерав посветена на ова девојче.
Во Јапонија, Кина и Кореја, се верува дека жеравот е митско суштество кое живее 1.000 години. Јапонците често го нарекуваат птица на среќата. Се верува дека жеравот симболизира среќа и долговечност, а неговите крилја обезбедуваат заштита.
МАТЕРИЈАЛИ
Оригами најчесто се прави од хартија, иако може да се користат и други материјали, дури и ткаенини. Хартијата за копирање често се користи за вежбање и некои поедноставни модели. Покрај тоа, можно е да се користат разни други видови хартија – фолија, хартија за виткање, хамер итн. Постои и специјална хартија за оригами, која обично е двобојна и веќе исечена во форма на квадрат. Во Јапонија често се користат таканаречената ваши, хартија со поцврста структура направена од пулпата добиена од кората на неколку карактеристични дрвенести видови кои растат во Јапонија. Постои и посебна гранка на оригами која користи банкноти за изработка на модели, најчесто американски долар.
ОРИГАМИ ДЕНЕС
Уметноста на оригами најчесто се пренесувала усно, но подоцна почнале да се објавуваат и бројни прирачници. Денес, покрај прирачниците кои содржат многу информации за историјата и симболиката, како и техниките на оригами, постојат бројни организации низ светот посветени на промовирање и ширење на оваа традиција. Според некои толкувања, оригамито се сведува на две основни техники: планински набори и долински набори, кои се разликуваат по начинот на спојување на рабовите. Откако ќе ги совладате овие две техники, можете да се предадете на вашата имагинација. Денес, оригамито е популарно хоби и уметничка форма низ целиот свет. Современите практичари развија нови техники, вклучувајќи мокро виткање, што им овозможува поголема слобода во дизајнот. Математичките принципи на оригами се користат во инженерската технологија.