„Неотех инженеринг“ од Софија, Бугарија, е фирмата што ќе ја довршува новата општинска зграда во Карпош, вклучувајќи го надворешното обликување и ентериерното уредување. Според планот, новиот изведувач ќе треба да доврши дел од внатрешните ѕидови, да ја изведе проектираната стаклена фасада на зданието и да го уреди канцеларискиот простор за идните административци. Рокот за реализација на севкупните активности изнесува 12 месеци, со што се отвора можност локалната администрација од Карпош да се пресели во новиот објект во првата половина на 2015 година.
Општина Карпош потпиша два договори во вредност од 88.235.293 денари или околу 1,4 милиони евра за довршување на зградата, која почна да се гради на почетокот од октомври 2012 година.
Изградбата на општинска зграда е прекината повеќе од една година. Локалната самоуправа во неколку наврати во текот на изминатите месеци проба да најде соодветен изведувач за целосна реализација на градежните работи. Претходно, тетовската фирма „АК Инвест“ ја подигна зградата до ниво на карабина.
Објектот ќе има пет надземни нивоа со приземје, три ката и поткровје, со вкупна површина од 4.500 метри квадратни, а во негови рамки е предвиден паркинг простор од околу 1.000 метри квадратни. Идејното решение го изработија студијата „СКАрС“ и „Архитектри“, проектот го изготви „Бортас“, а за градежен надзор инвеститорот ја ангажираше „Карапанчевски Компани“.