Општина Илинден објави оглас за продажба на градежна парцела на која е предвидено да се изгради дом за стари лица. Локацијата е во централниот дел на општината, на десетина километри од центарот на Скопје. Површината на градежната парцела изнесува 9.968 квадратни метри, а површината на градбата е 4.486 квадратни метри. На парцелата се изведени сите инфраструктурни приклучоци. Според деталниот урбанистички план, на местото може да се изгради објект со приземје и два ката, со максимална височина од 10 метри.
Почетната цена по која ќе се продава земјиштето на јавна лицитација е 61 денар за квадратен метар. Заинтересираните инвеститори треба да ги достават пријавите до 18 август, а јавното наддавање е закажано за 21 август.
По купувањето на парцелата, идниот инвеститор ќе треба да обезбеди дозвола за градење на домот за стари лица во рок од една година.
Од Општина Илинден информираат дека се работи за капитален проект, а неговата реализација е една од зацртаните цели во Стратегискиот план за локален економски развој на Општина Илинден.