Насловна / Вести / Општина Ѓорче Петров со нова општинска зграда

Општина Ѓорче Петров со нова општинска зграда

opstinska zgrada - GP

  Во близината на реонскиот парк во општината Ѓорче Петров деновиве се работи на копање темели за новиот објект, т.е. новата општинска зграда, која претходно како проект беше најавена од локалната самоуправа. Веднаш до општинската зграда, според планот, ќе никне нов современ деловен објект, кој во поголем дел ќе функционира како трговски центар од најсовремен тип.

– Двокатна барака што датира од пред катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 година и просториите под наем во Домот за пензионери, кои сега се работни простории на општината Ѓорче Петров, за две години ќе бидат минато. Општината Ѓорче Петров, по принципот на јавно-приватно партнерство, почна да гради нов објект по сите современи стандарди – велат од општината.

Оттаму информираат дека новата четирикатница ќе ги задоволи сите потреби што ги наметнува современото работење на општинските служби. Ефикасноста на работењето на општинската администрација не беше доведена во прашање, но условите не дозволуваа едношалтерско работење, што несомнено пречи во навремено и брзо решавање на проблемите на кои наидуваат граѓаните во секојдневието, истакнуваат од општината.

  Приземјето од новата зграда ќе биде целосно наменето за едношалтерско работење. Тука ќе бидат сместени и сервисните простории и аудиториумската сала со 80 седишта и целосна аудио-видеоопрема, која ќе ги задоволува сите современи критериуми за локална самоуправа. На првиот кат ќе бидат кабинетот на градоначалникот, службите што го опслужуваат градоначалникот, просториите за општинскиот совет и инспекцискиот надзор. Во новиот објект Ѓорче Петров ќе добие современа сала за венчавки со сите придружни технички карактеристики. На вториот и на третиот кат ќе се сместат секторот финансии, правни работи, човечки ресурси и внатрешна ревизија. Секторот за урбанизам ќе биде сместен на четвртиот кат од зградата.

– Современите градежни норми налагаат и нови, штедливи решенија во одржувањето на зградата и при загревањето и ладењето на просторот. Објектот ќе има најсовремено решен систем за греење, т.н. ВРВ-систем со променлив протек и температура на фреонот што ќе придонесе за заштеда на енергија. Четириесет паркинг-места ќе бидат подземни, а 23 партерни. Исто така, ќе има и три паркинг-места за лица со посебни потреби – информира Митровски.

 

Испрати коментар

Scroll To Top