Советот на oпштина Делчево ја донесе годишната програма за изработка на урбанистички планови на подрчајето на општината за тековната година.
Раководителот на одделението за урбанизам во општина Делчево Горан Петровски рече дека дел од овие урбанистички планови се во фаза на изработка, а дел треба да се работат со цел да се овозможат легални градби, можност за приватни инвестиции и развој на општината.
– Годишната програма е обврска, а на оваа програма во поголем дел веќе се работи на документацијата. За дел се чека изборот на Владата за да добиеме согласност од Министерството за транспорт и врски, исто така, дел од работата на донесувањето на плановите беа запрени поради изборите, рече Петровски.
Истакна дека се работи на изготвување на 15-ина урбанистички планови .
– Довршување на ДУП за локалитетот на Петти реон, каде што се христијанските гробишта каде е предвидена изградба на капела која е избрана како приортет од граѓаните на форумите. Мора да го завршиме овој документ за да издадеме дозвола за градба и да се заврши овој објект. Исто така, планирано е и довршување на ДУП за лесна индустрија и сервиси на месноста Стар монопол, каде се работи за приватна инветиција. Потоа во годишната програма е предвидено и довршување на ДУП за Индустриска и сервисна зона Север каде се работи за приватна иницијатива за станица за технички преглед, потоа ДУП на дел од Индустриска зона за Кожарата, која е приватна инвестиција на Кожарата, рече Петровски.
Петровски потенцираше дека ќе се прави измена и дополнување на ДУП за Старо Делчево по проектот за „Купи куќа за млади“ каде се предвидуваат 100 парцели, но и измена на ДУП за Спортско рекреативен центар „Пијанец“ каде има инцијатива да се предвиди дом за стари лица.
Финансирањето на урбанистичките планови го врши општина Делчево со средства предвидени во буџетот на Општината, како и средства од заинтересираните правни и физички лица согласно со законската регулатива.