Градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ, денеска на прес конференција најави дека општина Центар започнува со целосна реконструкција на улицата „Ѓуро Ѓоновиќ“.
„По опструкцијата од општина Аеродром, со новото општинско раководство постигнавме договор.Конечно по долги години, Маџир Маало ќе добие улица каква што доликува.Вкупната должина е приближно 250 м и целокупната ширина е 14 м со што ќе се зголеми проточноста на оваа улица.Тротоарите ќе бидат со ширина 2.25 м, а ќе има простор и за велосипедисти и за пешаци. Фекалната канализација е во должина од 650 метри со приклучок и изведба во соседната општина Аеродром“, рече Богдановиќ.
Градоначалникот Богдановиќ најави дека ќе се изгради нова атмосферска канализација која што ќе ги зафаќа атмосферските води, и со ова ќе биде решен проблемот со поплавувањата на површините на улиците.На 4100 м2 ќе се постави комплетно нов асфалт во два слоја и нов долен строј. Улицата „Ѓуро Ѓововиќ“ ќе има нови рабници и тротоари.
Одговарајќи на новинарски прашања, градоначалникот рече дека мораториумот веќе ја постигнува целта, завршена е ревизијата на неколку ДУП – ви и дека ќе бидат отстранети сите аномалии од претходните ДУП –ви, се со цел да се подобрат условите за живеење на граѓаните. Што се однесува за ДУП- от за Маџир Маало, Богдановиќ рече дека ќе биде усогласен со Генералниот Урбанистички План и истиот наскоро ќе се најде на јавна расправа.
„ Овој нов ревидиран ДУП ќе биде во интерес на граѓаните на Маџир Маало. Со ова како што ветувавме ќе се стави крај на градежната инвазија, како што е случај во Дебар Маало.
Во оваа населба ќе има комерцијално-станбени објекти, општината ќе изврши реконструкција и на другите улици освен „Ѓуро Ѓоновиќ“, а ќе биде изградена и нова градинка.
Што се однесува со ДУП –от за населба Пролет нема да се дозволи надградување и додавање на висина на постоечките згради.Општина Центар ќе ги санира старите и руинирани згради, а ќе постави и нова монтажна гаража за да се реши проблемот со паркирањето.