По речиси 50 години, жителите на улицата „Бигла“ на Водно нема да живеат во кал и прашина, информираат од Општина Центар. Општината ја започнува реконструкцијата на улицата која на места немаше асфалт, а беше полна со ударни дупки кои претставуваа опасност за движење на граѓаните и возилата.
„Каблите на операторите висеа на улицата и им пречеа на жителите. Тие пред една година имаа средба со градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, и со неговите соработници. Тогаш беа изненадени од посетата бидејќи рекоа дека 37 години никој не дошол да ги види и да праша како живеат. Вистински куриозитет претставува фактот дека последен пат улицата била уредена при посетата на Тито.
На средбата беше договорено да се асфалтира улицата и тоа ќе беше завршено за два месеци, но подоцна се направи дополнителен договор со граѓаните да се постави и нова водоводна мрежа.
Улицата „Бигла“, која се наоѓа спроти Клиничкиот центар, ќе добие нов водовод, асфалтиран коловоз со површина од 520 м, реконструирано осветлување, а каблите на операторите ќе бидат спуштени под земја. Со ова, повеќедеценискиот проблем на жителите на „Бигла“ ќе биде надминат.
Ова е деветта улица на Водно, која што актуелното општинско раководство ја реконструира. Завршена е обновата на првиот дел од „Питу Гули“, а во тек е реконструкцијата на вториот дел, која опфаќа нова атмосферска и водоводна мрежа и нови тротоари и коловоз.
На улицата „Тасино Чешмиче“ беше поставен асфалт, на „Новопроектирана 4“ асфалт и атмосферска канализација, на улицата „Партениј Зографски“ асфалтиран коловоз и тротоари, а оштетената улица „Ѓорги Скрижевски“ доби нов коловоз. На улицата „Христо Чернопеев“ сега жителите се задоволни бидејќи има нова водоводна и атмосферска мрежа, асфалтирана улица и тротоари и потпорни ѕидови. Улицата „Загребска“ доби нов асфалт и тротоари и на падините на Водно пробиена е улицата „Новопроектирана 2“, известија од Општина Центар.