Граѓаните се жалат дека по најфреквентната Дебар маалска улица „Ленинова“, практично мораат да се движат по коловозот. Терасите од кафулињата се протегаат до самиот крај на тротоарите, а автомобилите се паркирани од двете страни на улицата.
Поради загрозената безбедност и многуте реакции, градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски излезе на терен со овластените инспектори и констатираа грубо прекршување на Одобренијата за поставување на урбана опрема.
Сопствениците на кафулињата од денеска имаат рок од 10 дена да ја отстранат незаконски поставената урбана опрема согласно Одобрението издадено од Град Скопје.
Ова е опомена пред казна. За непостапување по Одобрението, надлежните ќе изречат казни, согласно член 14 став 1 алинеа 11 и член 29 од Законот за јавна чистота, и тоа глоба во износ од 4000 евра за правното лице и глоба во висина од 30% од одмерената глоба за правното лице ќе му се изрече за прекршокот на оговорното лице во правното лице.
Оваа акција, општина Центар ќе ја реализира на сите улици на својата територија, каде што, поради незаконски поставена урбана опрема, се загрозува безбедноста на граѓаните.