Општина Центар, на седницата закажана за денеска во 13 часот, ќе одлучува за граѓанската иницијатива за распишување референдум за изгледот на Градскиот трговски центар.
Иницијаторите на кампањата „Го сакам ГТЦ“ ги повикуваат граѓаните да дојдат пред просториите на општината во 12. 30 часот за да дадат поддршка за идејата.
„Ве повикуваме на 30 март (понеделник) во 12.30 часот да ни се приклучите пред просториите на општина Центар заедно да ги охрабриме советниците да го дадат својот глас за распишување на референдум за зачувување на постојниот изглед на Градскиот трговски центар. Ајде да покажеме дека сме против ова насилство врз ГТЦ!“, велат од граѓанската иницијатива.
Според новото идејно решение, ГТЦ би требало целосно да биде затворен, да се надгради еден кат, а покривот да има три куполи, скулптури и антички столбови.