На барање и во договор со жителите, општина Центар комплетно ги реконструираше детските игралишта во четири сегменти на Градски Ѕид.
Децата сега можат да уживаат во современо изработените дрвени реквизити- лизгалките, платформите, клацкалките и лулашките. Платформите се врзани меѓу себе со мостови и скалила, а лизгалките се со различна големина, во зависност од возраста на децата.
Водејќи особено сметка за безбедноста на децата, игралишта се изведени со гумени подови, кои воедно се хигиенски и лесно се чистат.
Игралиштата се поставени во блок бр. 5 – Индијанско маало, блок бр.4 – позади „Просветно дело“, блок бр.3 – позади хотел „Бристол“, во близина на ООУ „Гоце Делчев“ и блок бр.2 – позади „Автомакедонија“. Поставена и дополнителна урбана опрема – клупи и канти за отпадоци.
Наредни игралишта кои ќе добијат нови реквизити, современ под и ќе бидат во весели детски бои се игралиштата во Пролет, на улицата „Цицо Поповиќ“ и кај Т.Ц. „Зебра“ во Капиштец.
Планот на општина Центар, грижејќи се децата да имаат убави и безбедни места за играње, е со текот на времето да ги реконструира сите детски игралишта на својата територија.