После неколку годишна работа, започнувајќи уште од 2015 година, заокружен е еден значаен процес и соработка помеѓу Општина Центар, Заедницата на станари во Железничка зграда и Факултетот за работи што не се учат (ФР~У).
Во рамките на проектот „Активни простори на заедницата за граѓански промени“, Општина Центар во соработка со Заедницата на станари-сопственици на Железничка зграда на ул. „Борка Талевски“ бр.26 и ФР~У го става во функција некогашното кино кое се наоѓа во зградата.
Вчера во Општина Центар трите страни потпишаа договор со кој се регулирани обврските и активностите до и по конечно ставање на просторот во функција.
„Железничката зграда“ на архитектот Михаил Дворников, изградена 1946 година е редок градски пример кој во својата содржина има просторија која првенствено била наменета за жителите на зградата, а подоцна и за јавноста.Целта на овој договор е негување на културата и враќање на нејзината улога во колективното живеење. Општина Центар се обврзува да започне обезбедување донации за целосна реконструкција на изгледот на објектот, уредување на просторот и негово целосно оспособување за непречено функционирање, а исто така, ќе даде и поддршка и препораки за користење на овој јавен простор.
Киното кое функционирало до 70-те години, претставува квалитетен архитектонски јавен простор со површина од околу 150 квадратни метри и висина од околу 7 м. Архитектонските карактеристики на киното овозможуваат овој простор да служи за повеќенаменски културни активности кои би требало, пред сè, да бидат во функција на локалната заедница.