Општина Центар ја започна изградбата и на втората „Боемска улица“, кој ќе се протега од улицата „Орце Николов“ до зад Градежниот факултет.
Во должина од 650 метри и површина од 4000 метри квадратни, природните материјали и гранитната коцка на новата „Боемска улица“ ќе ги заменат старите и дотраени бекатон коцки и улични рабници, ќе биде поставена нова атмосферска канализација, а површинските води и водата од олуците ќе се сливаат преку поцинкувани канали.
Грдата слика на висечките кабли од кабловските оператори и од ЕВН, ќе стане минато и истите ќе бидат ставени под земја.
Гостите во кафеаните и рестораните ќе можат да уживаат во тишината, бидејќи улицата ќе биде колско-пешачка, со посебен режим на сообраќај. Улицата ќе ја краси нова урбана опрема, ново зеленило, а постоечкото улично осветлување ќе биде збогатено со високо квалитетни канделабри.
Со развивањето на проектот, преку втората и нова „Боемска улица“, се создадоа услови овој дел од Дебар Маало да го носи името „Боемски кварт“, чија трета фаза треба да продолжи со реконструкција на улицата „Михаил Цоков“ и нејзино претворање во пешачка зона.
Проектот е дел од акцијата на општина Центар „Нова пролет, нови проекти!“.