Процесот на издавање извод од урбанистичките планови во општината Центар, кој досега траеше 15 минути, сега ќе завршува за две минути, вклучувајќи го и времето за да бидат испечатени сите потребни примероци. Вака добиениот извод може да биде дигитално потпишан и издаден во иста таква форма, за да биде применлив за аплицирање со проектна документација во електронскиот систем за одобренија за градење, информираа надлежните од локалната самоуправа.
Општинарите објаснуваат дека ваквата постапка е резултат на електронската верзија на плановите, поставени на ГИС-платформа, која претставува база на податоци складирани според географска позиција.
Граѓаните ќе може да ги прегледаат урбанистичките планови преку интернет-апликација, со едноставно кликнување и така да ги добијат сите податоци за секоја градежна парцела поединечно. Парцелите, освен визуелно, можат да се лоцираат и со пребарување по бројот на катастарска парцела или по улична адреса. Податоците се од информативен карактер и ќе бидат корисни за сите граѓани што имаат какви било прашања во врска со тоа што вели планот за нивното земјиште или за потенцијалните инвеститори заинтересирани за можностите за изградба.