Станарите на улица „Ленинова“ бр.29 се пожалија дека на ден 4.7.2016, во кафе барот „Децата од нашата улица“ се одржува ноќна забава со гласна музика, а масите и столиците се поставени по целиот тротоар.
Инспекција од општината излезе веднаш на терен и констатираше дека не се почитуваат законските прописи и договореното на средбата на градоначалникот со сопствениците на кафулињата од улица „Ленинова“. Тие на средбата се согласија на тротоарите да се остави слободен простор од 2 до 2,5 метри, за да се овозможи непречено движење на пешаците. Сопственикот на кафе барот е повикан на разговор во инспекција, но не се одзвал на поканата.
Надлежниот инспектор одмери казна која, според Законот за јавна чистота, се движи до 4000 евра за правното лице, а за одговорното лице – 30% од одмерената казна за правното лице.
Инспекциските служби од општина Центар ќе продолжат со редовните контроли, за да видат дали и понатаму има отстапување со поставувањето на опремата.
Општина Центар ги повикува граѓаните, доколку забележат прекршување на законот, без разлика дали се работи за бучава или за опрема, да пријават кај надлежните органи.