Жителите на Мало Курило, делот на Водно, со години се жалеа на катастрофалната состојба на улица „Загребска“. Ударните дупки, кои беа опасност и за пешаците и за возилата, се создаваа од водата која се слеваше од Водно. На проблемите со пристапот се жалеа и од детската клиника за белодробни заболувања.
Општина Центар прво ги исчисти каналите за одводнување, кои се наоѓаат покрај самата улица и отстранети се 40 камиони смет. Надлежните го изгребаа стариот и оштетен асфалт и на негово место се става нов. Санацијата на улицата „Загребска“ е во должина од 350 метри, на потегот од црквата Св. Јован до влезот на Мало Курило.
Граѓаните од Мало Курило, но и скопјани кои минуваат по овој дел на Центар се задоволни дека конечно се решава овој огромен проблем.
Ова е втора од единаесетте улици кои ќе се реконструираат на Водно, а се дел од акцијата „Нова пролет, нова офанзива!“ на општина Центар.
Следни улици на овој дел од Центар,планирани за реконструкција, се „Христо Чернопеев“ и „Партениј Зографски“.