Општина Центар, два дена по директното обраќање на градоначалникот Андреј Жерновски до министерот Зоран Ставревски, ја доби согласноста за задолжување за обезбедување финансиски средства за изградба на општинско основно училиште во Капиштец.
Министерството потврди и одобри дека општина Центар има финансиски капацитет да се задолжи во износ од 297.750.000.00 денари, кои ќе бидат наменети за изградба на првото училиште во оваа населба.
Општината ги исполнува сите услови за подигнување на кредит, бидејќи претходно по предлог на градоначалникот, беше раскинат договорот за кредит за изградба на барокна катна гаража, склучен од претходното раководство и одлучи парите да ги инвестира во изградба на ново, современо основно училиште.
Општина Центар, продолжува со неопходните активности за заокружување на постапката и избор на банка-кредитор. Останува Владата и формално да го потврди конструктивниот пристап и да донесе одлука за долгорочно задолжување кај избраната деловна банка, со што општина Центар ќе нема проблеми и пречки во изградбата на училиштето.