Шест проекти – бизнис планови од млади претприемачи кои конкурираа во рамките на проектот на општина Центар – „Месец на претприемништво“, се наградени од општината со парични награди во висина од 25.000 денари поединечно.
Комисијата што ги оценуваше проектите, смета дека бизнис планот „Рециклирај и добиј бонус“ може да биде вклучен во идните планови на општината, како проект со најсилна компонента на општествена одговорност за намалување на загаденоста на животната средина.
Целта на проектот е да се рециклира искористеното масло за јадење од домаќинствата, преку поставување на машини за собирање на употребеното масло во два супермаркети во општина Центар. Граѓаните што ќе го донесат маслото, ќе добијат награда во вид на парични средства, а истото ќе се продава на компании кои произведуваат гориво, што е направено исклучиво од употребено масло или биодизел.
Овој проект е активност на Советот на млади на општина Центар и Канцеларијата за млади на општина Центар.
Претходно, беше одржана обука за младите претприемачи, на која учесниците беа запознаени со основите за претприемништво, основање и водење на бизнис и успешни приказни на глобално и локално ниво.