БЕГ (Балкан Енерџи Груп), која врши менување на топлотните цевки долж улицата „Народен фронт“, не го почитува Законот за градење и Правилникот за прекопи донесен од општина Центар, велат од општината.
Жителите на околните згради на улицата „Народен фронт“ но и други минувачи се пожалија до градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски на катастрофалната состојба во која се наоѓа улицата.
„Изведувачот само ја истампонирал улицата и ставил асфалт и затоа, досега направениот дел е пропаднат. Надлежниот градежен инспектор на општина Центар донесе решение согласно законот и правилникот, БЕГ улицата да ја врати во првобитна состојба. Доколку не се постапи по ова решение, следуваат казни согласно Законот за градење, 9.000 евра во денарска противредност за правното лице и глоба од 30 отсто од одмерената казна за правното лице да му се изрече на одговорното лице“, соопшти општина Центар.
Каква е таа глоба од 9.000 евра за направена штета од стотици илјади евра?