Во Општина Аеродром повторно се шири неиздржлива отровна смрдеа која доаѓа од дивата депонија Вардариште.
Вардариште гори и чади од вчера, а Ново Лисиче и Аеродом се гушат цела ноќ во токсочни отровни гасови.
Фотографиите од паркот кај последна 5-ка кои се споделуваат на социјалните мрежи се апокалиптични. Куќи обвиени чад, а смрдеата на изгорено се вовлекува во домовите и становите.
Пожарникарите интервенирале за гаснење во Гази Баба кај депонија Вардариште (гореле гуми и ниска вегетација).
Повикот до надлежните за еколошката бомба Вардариште досега немаат вродено со плод. Сите се прогласуваат за ненадлежни – и Општина Гази Баба на чија територија се наоѓа Вардариште, и Општина Аеродором, чии жители ги трпат последиците и секако, Градот Скопје. До јавните претпријатија кои треба да се зафатат со расчистување на дивата депонија гласот на луѓето воопшто не стигнува. Полицијата и инспекторите и кога ќе дојдат на овој потег редовно не наоѓаат кој е тој што пали.