Од Општина Аеродром соопштуваат дека „по низата реакции во јавноста во однос на изградбата на станбената зграда на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДСДП) во Реонски центар „Аеродром“, сакаме со јавноста да ги споделиме фактите околу посочената градба.
Одобрението за градба за таа локација е дадено на 9.11.2016 година, а комуналиите се платени пред тоа. Инвеститор за оваа зграда е АДСДП или поранешно ПУИГ, односно државна институција и не станува збор за приватен инвеститор.
Градоначалникот Златко Марин веќе оствари средба со граѓаните од овој дел на населбата и ги информираше дека самата општина нема ингеренции да ја стопира градбата, туку е потребен договор помеѓу ПУИГ и изведувачот на објектот.
Општина Аеродром ќе поддржи договор кој ќе биде во интерес на сите засегнати страни, но она што јавноста треба да го знае е дека решение треба да се бара на релација ПУИГ и компанијата која треба да го гради објектот“, велат од општината.
И после големи ветувања на градоначалниците за ставање ред во градењето состојбата останува непроменета. Урбанистичкото планирање, инвестирање и градење не е нешто што се одвива спорадично, по реакција на граѓани или во договор помеѓу инвеститори, изведувачи, граѓани, градоначалници, врз основа на добра волја. Градењето се планира и се регулира со закон. Единствен начин да се спречи урбаниот хаос е да се изработат нови детални урбанистички планови кои ќе се проектираат по сите стандарди и нормативи за хумано и квалитетно живеење и почитување на просторот како ресурс и јавниот интерес на сите жители. Но за да се дојде до квалитетни ДУП-ови неопходно е предходно да се изменат Закон за просторно планирање, Закон за градење и Правилник за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање. Препорачуваме тоа да почне веднаш, бидејќи градот како еден жив организам нема повеќе време за чекање. Не може градот да биде заложник на бизнис и лични интереси на сопственици на локации, инвеститори, изведувачи, градоначалници и општинска администрација.