Вкупно 33 населени места во општина Крива Паланка ќе добијат општи акти со кои ќе се овозможи градба на објекти и ќе се создадат услови за плански развој и подобрување на квалитетот на живот во руралните населби.
Општите акти се однесуваат на изградба на објекти во населени места во кои нема урбанистичка документација и тоа во селата Баштево, Борово, Бс, Варовиште, Градец, Голема Црцорија, Габар, Добровница, Дурачка Река, Жидилово, Дрење, Дренак, Длабочица, Киселица, Конопница, Кошари, Костур, Кркља, Крстовдол, Лозаново, Луке, Мождивњак, Мартиница, Мала Црцорија, Метежево, Нерав, Огут, Осиче, Подржикоњ, Станци, Трново, Тлминци и Узем.
– Општите акти се во фаза на изработка и донесување. Тие се однесуваат на селските подрачја за кои досега не постоеше никаква урбанистичка или било каква друга документација, заради што населението не можеше да планира или гради било каков објект. Со овие документи жителите ќе можат да си го остварат своето право во делот на урбанистичкото планирање, станбената и друг вид изградба, вели Добривој Николовски, раководител на Одделението за урбанизам, сообраќај и заштита на животната средина.
Николовски посочува дека со овие акти ќе се решат голем број проблеми со кои се соочува населението од руралните населби во областа на урбаното живеење, а што произлегува од потребите и приоритетите на локалната заедница, ккао и на развојната стратегија на општина Крива Паланка.
– Навременото донесување на планската документација е неопходно и приоритетно во равојниот процес на општината. Во спротивно се иницираат и се создаваат низа урбани и социјално-економски негативни последици врз целокупниот живот на заедницата, нагласува Николовски.