Opel започнал со производството на автомобили пред 125 години. Но, историјата на електромобилноста во оваа германска компанија исто така почнува релативно рано – на крајот на 60-тите години од минатиот век. Уште тогаш, инженерите од оваа компанија го развивале првото хибридно возило на брендот. Kadett Stir-Lec I од 1968 година имал навистина необична и напредна технологија за тоа време. Стирлингов мотор сместен во задниот дел на возилото, произведувал електрична енергија, преку генератор кој полнел 14 оловни батерии. Електричниот погон останал важна тема за оваа компанија, а во наредниот период „струјата“ ќе биде единствениот енергент на Opel. Имено, почнувајќи од 2028 година, во Европа Opel ќе нуди само електрични возила.