Насловна / Урбанизам / Функционална трансформација на запуштените фабрички комплекси

Функционална трансформација на запуштените фабрички комплекси

funkcionalna-transformacija-na-napusteni-fabriki-thumb.jpg

Туркоан и Рубе се две од вкупно 85 општини кои ја сочинуваат агломерацијата Лил- Метропол, и сите заедно бројат 1,2 милиони жители. Својот имиџ на индустриски градови, граден повеќе од 150 години, почнува да се менува. Причина за ова е економската криза во Северна Франција и затворањето на бројните текстилни фабрики во овој регион. 
Со згаснувањето на текстилните капацитети, згаснуваат и ископите на руда, металната индустрија… Денес, во Рубе степенот на невработеност е околу 20% и истовремено претставува една од најсиромашните општини во цела Франција.

"КОНДИСИОН ПУБЛИК" ВО РУБЕ

Во дваесеттиот век, Северна Франција и лилската метропола биле лидери во текстилната индустрија. Волната, како една од главните текстилни суровини, требало совршено да биде подготвена за понатамошната обработка, со цел да се постигнат високи резултати во завршните текстилни производи. Со зголемувањето на производството на волна кон крајот на 19 век, се создал недостиг на простор за складирање на суровините. 

funkcionalna-transformacija-na-napusteni-fabriki-1.jpg

Така настанува "Кондисион Публик" во 1902 година, како објект наменет за сушење, складирање и калибрирање на волната. Автор на проектот бил архитектот Алфред Буви. Објектот претставува комплекс од две посебни згради од 2500 и 2600 квадратни метри, кои се обединети под заеднички кров. Средишниот дел што ги поврзува двата објекти е покриен со стаклени плочи, еден од тогашните актуелни материјали и начини за суптилно доведување на зенитална природна светлина во главната внатрешна хоризонтална комуникација. 

Друга актуелност во градежништвото, која ја употребил Буви, е методот на Франсоа Енебик и армираниот бетон со зголемена противпожарна заштита. Тоа овозможило издигнување на бетонски столбови со височина од осум метри, кои за тоа време претставувале престиж во тогашното градителство. 

konstruktivno-proektiranje-2.jpg

Тоа што го прави "Кондисион Публик" толку специфичен е неговата интегрираност во постоечкиот контекст и околината, што во почетокот на дваесеттиот век се сметало за голема градежна експанзија предизвикана од индустрискиот развој на Франција. Во таа смисла, капацитетите проектирани од Алфред Буви имаат една логичка поврзаност и со постоечката улична мрежа во чија оска е поставена и внатрешната улица на "Кондисион Публик". Фасадните ѕидови претставуваат една импозантна архитектонска композиција со должина од 241 метар. Таа фасада всушност претставува ѕид и ограда со надворешноста, но не каков било ѕид, туку ѕид со високо естетско значење. Декорации сочинети од пиластри и фризови, украсениот фронтон на влезната партија, капителите и емајлираните интерполирани тули во бела и црвена боја, формираат една издржана архитектонска композиција. 

Во седумдесеттите години од минатиот век, текстилната индустрија бележи голем пад не само во Франција туку и во цела Европа. Тоа значело, намалување на вработеноста, намалување на текстилното производство, а со тоа и потребата од сушење, складирање и калибрирање на волната. "Кондисион Публик" става клуч на својата врата во 1972 година. Понатаму, неговите простории биле купени од транспортни компании и се користени сè до крајот на дваесеттиот век. Во 2004 година Лил станува европска престолнина на културата. Заедно со сите негови 85 општини, Лил масовно се вклучува во претставувањето на културата и знаменитостите на Северна Франција во таа година. Рубе, како една од овие општини, се вклучува со повеќе проекти од културата, а еден од нив е и обновувањето на "Кондисион Публик" и неговата пренамена во мултинаменски и универзален културен центар. 

funkcionalna-transformacija-na-napusteni-fabriki-3.jpg

Атрактивноста на овој објект, естетските квалитети и традиционалните елементи вклопени под еден заеднички покрив, преставувале клучните точки од одлуката на локалните власти за неговото повторно активирање. За таа цел, бил повикан архитетктот Патрик Бушан, познат како пионер во пренамената на запуштените индустриски капацитети во културни центри низ цела Франција. Неговата интервенција е фокусирана на неколку точки: искористување на затворениот простор како "урбан остров" во срцето на градот, во чија закрила можат комфорно да се сместат содржини од културата; место каде што ќе се почувствува производството и работата; место каде ќе се пробие повеќе дневна светлина, која за разлика од минатото кога таа била непожелна во магацинските простории за чување на волна, сега е потребно да се внесе заедно со светлината и живот во тој ист простор. Токму ова внесување на живот, е клучната точка во пристапот на Бушан при пренамената на "Кондисион Публик". Патрик Бушан има еден уникатен пристап при интервенцијата во објектите што имаат своја историја и естетско-архитектонски квалитети врзани за традицијата. Тоа е пред сè, внесувањето нови активности во тие објекти, но притоа целосно респектирајќи го нивниот автентичен изглед и нивната претходна функција. Сè додека еден објект живее, тој објект си ја извршува својата служба кон граѓаните, а за тоа е неопходно да се имплементираат соджини кои се во согласност со актуелните потреби на граѓаните. Потребни се само минимални физички корекции на самиот објект, корекции поврзани со новите планирани активности, а стариот изглед треба да ја покаже старата функција на објектот. 

На пример, во салата каде што се чувале големи бали на волна, сега е сместен изложбен павилјон. За таа цел архитектот пробива три четвртини од кровот, и на негово место го покрива објектот со стакло добивајќи зенитално светло во новиот изложбен простор. 

funkcionalna-transformacija-na-napusteni-fabriki-4.jpg

Респектот кон минатото и текстилното производство, архитектот современо го интерпретира со формирање на простор за: созадавање на идеи, работа на проекти од културата, архитектонски ателјеа и.т.н. Едноставно кажано, поранешниот работен простор повторно е исполнет со работни содржини од јавен карактер, и на тој начин е воспоставена врска со минатото, а новите содржини го отвораат патот кон идниот развој на "Кондисион Публик".

Испрати коментар

Scroll To Top