Во обид да поттикнат јавна расправа и нови идеи за тоа како одржливото проектирање може да се манифестира преку концепти за пристојно и достапно домување, Yale University соработуваше со UN Environment и UN Habitat, во создавањето на „малечка куќа“ целосно напојувана со енергија од обновливи извори. Со површина од само 22 квадратни метри, еко куќата е проектирана за да „ги тестира потенцијалите за минимизирање на употребата на природните ресурси“. Прототипот беше претставен за време на Политичкиот форум на високо ниво за одржлив развој во организација на ОН. Иако првиот прототип е проектиран согласно условите и контекстот на Њујорк, следните подобрувања ќе овозможат варијантни решенија согласно специфичните услови на локации ширум светот.
Со растечката популација на глобално ниво, која се очекува до 2050 година да достигне 10 милијарди, проектот ги обединува предизвиците на архитектите да развиваат заедници кои одржливо ќе го зголемуваат капацитетите за домување и ќе ја промовират иновацијата во градењето на системи и инфраструктура.